СКОПЈЕ –Благ на пад на бројките на новозаболени минатата недела покажува анализата на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ). Во периодот од 8 до 14 ноември регистрирани се 3.218 нови случаи на заболени од Ковид – 19 што е за 8,1отсто помалку споредено со неделата претходно. Нови случаи има во 34 града низ државата а највисока неделна инциденца има во Демир Хисар со 504 заболени на 100 илјади жители и Кратово со 453 заболени на 100 илјади жители. Во анализираниот период најголем број нови случаи се регистрирани во Скопје – 1.299 заболени. Во моментов активни се 8.331 случај а најголемото жариште е Скопје со 3.810 заболени.
„Се забележува зголемување на инциденцата во 27 градови во државата во последните 14 дена во споредба со претходните 14 дена, со најзабележително зголемување во Битола. Во 7 градови се забележува намалување на инциденцата во последните 14 дена, додека во Демир Капија и Македонски Брод инциденцата останува непроменета. Р0 се движи од 0,73 во Кичево до 2,50 во Пехчево“, информираат од ИЈЗ.
Гледано по возрасни групи повторно најчество на удар се граѓаните над 60 години и кај оваа категорија минатата недела има 791 нов случај. Она што радува е податокот дека има значајно намалувањена нови случаи кај децата до девет годишна возраст а минатата недела се регистрирани 102 слуачи кај оваа возрасна група.
Еднаш прележаниот Ковид – 19 не гарантира безбедност а тоа го покажува фактот што минатата недела се пријавени 36 реинфекции па досега вкупно 822 граѓани кои еднаш заболеле и оздравеле повторно биле инфицирани од коронавирусот. Еден пациент по трет пат е регистриран како позивитивен на Ковид – 19.
Процентот на позитивни тестови варира од 10,7 до 20,4 отсто во зависност од денот, но просекот сеуште е многу висок и е 14,8 отсто позитивни тестови. Минатата недела се направени вкупно 21.346 тестирања.
Минатата недела 77 пациенти од 23 града низ државата ја загубија битката со вирусот а од почетокот на епидемијата како последици на компликации предизвикани од коронавирусот починаа 7.337 пациенти.
„Највисок морталитет се регистрира во Прилеп, Охрид и Кавадарци. Највисок леталитет се регистрира во Струга, Крушево и Дебар“, стои во анализата на ИЈЗ.
Од почетокот на епидемијата регистрирани се 209.499 случаи, деталната анализа покажува дека најчест симптом е покажена температура а над 65 илјади од регистрираните случаи имале коморбидитети.
„Во однос на симптоми кои се пријавени кај заболените, најчесто се регистрирани температура (60,4%), малаксаност (44,1%), кашлица (44,4%), главоболка (28,8%), мускулна болка (25,0%) и болка во зголобови (20,7%). Регистрирани се 56.455 асимптоматски случаи. Во однос на коморбидитети, 35.305 лица имаат кардиоваскуларна болест, 11.825 дијабет, 5.050 се со хронична белодробна болест и 12.949 со други хронични болести“, информираат здравствените власти.
Иако бројките стагнираат притисокот врз болниците и медицинскиот персонал е силен. Во моментов во Ковид центрите и на инфективните оддленија во Скопје и внатрешноста хоспитализирани се 534 пациенти од кои 343 се на кислородна поддршка а 21 на механичка вентилација.
Скратено работно време на угостителските објекти и он лајн настава во декември се мерките кои треба да се воведат, смета микробиологот Никола Пановски.
„ Моменталната состојба е релативно стабилна но не ми се допаѓа бројката на починати која е двоцифрена. Не се исклучува можност од нов бран, следејќи ја состојбата во регионот, можеби е затишје пред бура и затоа сметам дека се потребни построги мерки кои кратко ќе траат за да се избегнат бројки од над илјада случаи дневно“, изјави Пановски.
Процесот на вакцинација според здравствените власти сеуште не е на задоволително ниво и покрај последните мерки на Владата со кое се ограчничува движењето на граѓаните кои не се ревакцинирани. Без сертификат како доказ за примени две дози вакцина, односно комплетна имунизација, не може да се влезе на затворено – во барови, ноќни клубови, дискотеки, угостителските објекти за свадби, родендени, крштевки и слично, ниту пак на концерти, семинари, обуки, курсеви, работилници и други културни и спортски настани.
Според официјалните бројки на здрватствените власти, досега се аплицирани 1,6 милиони вакцини а целосно ревакцинирани со две дози се 786.109 граѓани или 38 отсто од вкупната популација во државата. Трета или „бустер доза“ примиле над 54 илјади граѓани.