СКОПЈЕ - Зоран Заев утре повторно ќе може да дојде на работа во неговиот кабинет на улицата Илинденска број 2. Владата која тој ја предводи денеска го мина досега најтешкиот предизвик и успеа да се спаси од гласање за недоверба за кое до пред 24 часа опозицијата тврдеше дека го има неопходниот број на гласови од пратеници - 61 а јавноста беше убедена дека ќе се случи.
Кусо пред полноќ, во собраниската сала влезе спикерот Џафери, премиерот Заев и неговите министри од Кабинетот, секако без Аријанит Хоџа од земјоделство. Пратеници немаше ниту од власта ниту од опозицијата.
„Имајќи го предвид фактот дека од моментот на поставување на прашањето за доверба на Владата поднесено од опозицијата со 61 пратеник треба да се изјаснува Собранието за три дена, а третиот ден во моментов одминува, притоа дневниот ред не е изгласан и не може да се отвори дебата за доверба на Владата, констатирам дека на Владата не и изгласана недоверба и врз основа на ова Владата продолжува со полниот состав и со должностите коишто ги има. Констатирам дека предвидената материја за оваа седница е исцрпена и ја заклучувам оваа седница и констатирам дека седницата е завршена. На Владата и посакувам успех во наредните денови коишто ги има извршната власт“, изјави Џафери.
Заменик претседателот на Владата и министерот за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби вечерва пред зградата на Собранието истакна дека граѓаните треба да бидат спокојни затоа што победила евроатлантска Македонија.
„Денеска граѓаните треба да бидат спокојни. Победи евроатлантска Македонија, победи напредна Македонија, Македонија со добрососедски односи, со САД, со ЕУ и благодарност до сите коалициони партии.Денеска граѓаните се спокојни затоа што нашата интеграција во ЕУ останува загарантирана од оваа Влада. Ова е голем дел на победата на евроатлантска Македонија затоа што нашата ориентација кон интеграција во Европската Унија останува загарантирано од ова парламентарно мнозинство“, порача Груби.
Денот го одбележа пратеникот од редовите на „БЕСА“, Кастриот Реџепи, кој во последен момент го извиси мнозинството кое го најавуваше опозицијата. Тој утрово не се појави во Собранието и неговиот а и мобилните телефони на потесното семејство беа исклучени. Се огласи преку социјалната мреѓа „фејсбук“ дека нема да гласа за недоверба на Владата. Мнозинството а со тоа и плановите на опозицијата беа урнати. Опозицијата обвини - „Реџепи е киднапиран“, „реџепи е поткупен“. Турбуленциите траеа цел ден а обвинувањта одеа на релација опозиција - власт околу тоа што се му се случило на Реџепи. Опозициските лидери бараа тој лично да се појави и да соопшти зошто се премислил во последен момент.Додека неговиот партиски лидер, Биљал Касами, го пријавуваше неговото исчезнува во полициската станица „Бит Пазар“, Реџепи објави видео запис на социјалната мрежа „Фејсбук“.
„Јас,сум добро и на сигурно, јас сум со Албанците и со сите граѓани на државата кои сакаат мир, слобода и просперитет во земјата и продолжување на НАТО и ЕУ курсот. Имам извесни закани од некои лица, но откако тоа ќе биде минато ќе се појавам пред медиумите. Да се ангажираме сите за добро на државата, народот и демократијата, на сите, Албанци, Македонци и сите други кои живеат во Северна Македонија. Се гледаме наскоро. Ви благодарам“, порача Реџепи.
По ова веќе беше јасно дека изгласување на недоверба на Владата нема да има. Почнаа прес конференциите.
Комплетната пратеничка група на ВМРО - ДПМНЕ, вклучувајќи и двајца позитивни пратеници кои речиси целиот ден го минаа во посебни простории и во скафандери за евентуално да гласаат, си замина околу 21.30 часот. Брзи предвремени парламентарни избори е она за кое тие ќе се борат понатаму.
„Најбрзото и наједноставно решение за излез од оваа целата политичка криза е брзи предвремени избори во најкус можен. Денес во Македонија беше киднапиран пратеник, денес во Македонија видовме како режимот на власт се трансформира во најкриминоген режим воопшто виден на просторот на Европа. Затоа ќе има одговорност, многу побрзо од тоа што мислат, ќе дојде денот кога ќе одговараат сите оние кои што денеска киднапираа пратеник и сите оние кои што одземаа телефони од пратеници и ги чуваа пратениците во одредени простории за да не можат да излезат и да комуницираат и направија се да македонската демократија денеска е погазена. Но, не за долго, како што кажав за тоа ќе има одговорност”, рече од собраниските скали потпретседателот на партијата Александар Николоски.
Министерот за земјоделство од редовите на „БЕСА“, Аријанит Хоџа потврди дека утре ќе ја депонира оставака на функцијата.
Алијанса за Албанците потврди дека останува во опозиција.
„Денеска беше денот кога паднаа сите маски, кога сегашниот режим се самопотврди, кога сите сведочевме и сведочиме кои сме и за што сме! Денеска конечно беше делегитимиран хибридниот режим СДСМ-ДУИ, додека сега нема законитост со само 59 гласа и пратеник кој се уште е во мистериозни околности. Денеска се потврди дека граѓаните и опозицијата имаа право кога инсистираа на рушење на овој режим којс се повикува во ЕУ со антиевропски механизми. Овој режим денес докажа на кој начин останува на власт; со притисоци, закани и уцени“, стои во пафртиското соопштение кое предмалку беше објавено во јавност.