Ибрахим Мехмети за позициите на албанските партии

Your browser doesn’t support HTML5

Сите имаат различни позиции, интереси и калкулации и затоа има поместувања и несигурност кај некои од нив што е најдобро за нивната партија.

Актуелната ситуација во државата на само еден ден пред закажаното гласање на недоверба на актуелната влада станува се повеќе комплицирана, вели аналитичарот Ибрахим Мехмети. Во однос на позициите на албанските партии, вели нивната намера и мотивација била јасно изразена, но оти проблем е не постоењето едногласност во смисла што потоа.

„И мислам дека ова е причината зошто имаме вакви менувања на позиции и на ставови на некои од главните учесници. Мислам дека албанските опозициони партии се малку во покомплицирана позиција, во споредба со македонските партии ВМРО и Левица. ВМРО победи на локалните избори. Албанските партии поминаа малку полошо од нивниот главен опонент и мислам дека тоа ја прави нивната позиција малку потешка. И верувам дека постои страв дека поради тоа што не успеаја да добијат доволен кредибилитет односно поддршка од албанските гласачи, дека тоа ја комплицира и нивната позиција во барањето за промена на владата и нивно вклучување во овој процес“ вели аналитичарот Ибрахим Мехмети.

Мехмети смета дека до последен момент власта и опозицијата ќе водат битка која партија да ја придобијат на своја страна, бидејќи бројот на пратеници е доста изедначен.

„И очигледно е дека секој ги мерка своите шанси, своите изгледи, како би се позиционирал во евентуално новата влада. Од другата страна имаме дилеми дали треба да се направи промена на мнозинството во тековниот мандат или треба да се добие чист мандат со нови предвремени избори. И сите имаат различни позиции, интереси и калкулации и затоа имаме вакви поместувања и несигурност кај некои од нив, што е најдобро за нивната партија“ вели аналитичарот Ибрахим Мехмети.

Мехмети додава дека гласањето за доверба на владата ќе биде многу тесно. Но вели дека не постои друг начин освен ова да се реши со предвремени избори ,иако тоа не е најдоброто решение.

„И да се случи да преживее оваа влада уште некое време, мислам дека ќе биде многу нестабилна, бидејќи страните ги менуваат позициите и очигледно е дека сите се во трка за нови стартни позиции и компонирање на нова влада. Очигледно е дека никој не ја гледа иднината во оваа сегашна композиција“ вели Мемети.

Во однос на најавите од Зоран Заев, дека засега го одлага повлекувањето од премиерската позиција и од функцијата претседател на СДСМ, Мехмети тоа го гледа во притисокот врз него, како од страна на партнерите во владата, така и од надворешни фактори, кои имале интерес на континуитет на овие политики.