Средба меѓу Харис и Макрон – обиди за намалување на тензиите меѓу долгогодишните сојузници

Францускиот претседател Емануел Макрон денеска ќе биде домаќин на американската потпретседателка Камала Харис во Елисејската палата. Агендата ги вклучува климатските промени, економијата, глобалното здравје и прашањата за синџирот на снабдување.

Висок претставник на американската администрација изјави за новинарите дека билатералната средба е важна бидејќи односите на САД со Франција се глобални и дека Франција и другите европски сојузници се клучни за иднината на Соединетите Држави.

Покрај средбата со Макрон, Харис и нејзиниот сопруг, Даг Емхоф, ќе учествуваат во положување венец на американските гробишта и споменик во близина на Париз за да го одбележат празникот Денот на американските ветерани и Денот на примирјето, кој го одбележува крајот на Првата светска војна.

Патувањето на потпретседателката на САД во Франција е последниот чекор во обидот за подобрување на заладените односи со најстариот сојузник на земјата.

Односите меѓу двете земји паднаа на историски најниско ниво во септември, кога Австралија се откажа од договорот вреден 65 милијарди долари за купување традиционални подморници од Франција во корист на договор со кој ќе гради нуклеарни подморници со помош на САД и Велика Британија.

Американскиот претседател Џо Бајден му рече на Макрон во Рим минатиот месец дека Соединетите Држави биле „несмасни“ во справувањето со ова прашање.

Харис, исто така, ќе ја претставува администрацијата на Бајден во четврток на Парискиот мировен форум и на самитот во петок за Либија, пред изборите во таа земја следниот месец.

Некои информации за овој извештај се преземени од Асошиетед прес, Франс прес и Ројтерс.