Врховниот суд на САД ќе разгледува случај за надзор над муслиманите

Врховниот суд на САД денеска ги сослушува аргументите дали американската влада може да се повика на заштитата на „државните тајни“ за да ги зачува информациите за надзорот над муслиманите во џамиите во Калифорнија.

Спорот започна пред една деценија кога тројца муслимани поднесоа тужба против Федералното биро за истраги, тврдејќи дека највисоката американска агенција за спроведување на законот распоредила доверлив доушник кој тврдел дека е преобратен во Ислам за да ги шпионира само врз основа на нивниот верски идентитет.

Уставот на САД гарантира слобода на практикување на нечија религија.

Но, владата во овој случај тврди дека може да одбие да открие информации за следењето под овластување дадено со Законот за разузнавање, како и со користењето на привилегиите за одбрана на државните тајни, што и овозможува да го блокира објавувањето на информации за кои смета дека претставуваат ризик за националната безбедност.

Тројцата муслимани, Јасир Фазага, Али Малик и Јасер Абдел Рахим, тврдат дека употребата на законот за надзор ги прекршила нивните верски права и и дозволила на владата да избегне одговорност.

Муслиманите во Калифорнија рекоа дека го пријавиле до ФБИ токму нивниот доушник откако тој почнал да ги прашува луѓето за „насилен џихад“.

Хусам Ајлуш, муслимански водач во областа Лос Анџелес, рече дека муслиманите во САД „се надеваат дека ќе фрлат светлина врз тоа како владата и федералната агенција која е задолжена да ги штити сите, продолжува со својот обид да ги третира муслиманите како граѓани од втор ред.“

„Исходот од овој случај ќе влијае на секој Американец, не само на муслиманите. Дали владата може да ве шпионира само поради вашата религија?“, рече Ајлуш.