Со оставката на Зоран Заев од премиерската позиција и од функцијата претседател на СДСМ, откако неговата партија ги изгуби локалните избори, Северна Македонија и де факто е во политичка криза, вели за Гласот на Америка политичкиот аналитичар, Петар Арсовски.
„Затоа што таа оставка ја дестабилизира владата, можеби го загрозува парламентарното мнозинство, а секако ги загрозува овие напори за справување со кризите кои ни доаѓаат, па ако сакате и со Евроатланските интеграции. Нема дилема дека Македонија, во моментот веќе се наоѓа во политичка криза. Времето ќе покаже колку таа ќе трае и колку бргу од неа ќе можеме да се отплеткаме“, вели тој.
За Александар Кржалоски од Македонскиот центар за меѓународна соработка, оставката на Заев сама по себе не значи и политичка криза но, оти може да биде вовед во такво нешто.
„Може да се разреши ситуацијата на еден релативно мирен начин па и брзо, но ќе зависи од тоа какви се односите на силите во парламентот и однесувањето на дел од политичките партии кои го сочинуваат сегашното мнозинство, особено БЕСА”, вели тој.
Кое решение во моментот е најдобро за земјава, предвремени избори, техничка влада или нова влада, за Кржалоски нај очекуваното е да има нов мандатар од СДСМ и да продолжи со работи истата влада со постоечкото парламентарно мнозинство.
„Нај посакувано решение би била широка коалиција и особено ваквата ситуација да нема мандатар и јасен наследник на Заев во СДСМ, овозможува и експертска влада, подржана од повеќето политички партии во парламентот која е најпотребна во овој моментот. Особено со претстојните очекувани покомплицирани состојби, со Бугарија во декември дали ќе дојде до деблокада и со енергетската криза“, додава тој.
За Арсовски во игра се четири сценарија, но оти најостварливо е следново:
„Имајќи го во предвид составот на собранието во моментов и тесната разлика во било кој состав во мнозинството, најверојатно е дека ова сепак ќе заврши со предвремени парламентарни избори. Прашање е кога тоа ќе се случи и дали тоа треба да се прави веднаш или треба да се почека можноста во декември по составувањето на владата во Бугарија, за некаков пробив во Евроатланските интеграции, па и справување со пандемијата, енергетската криза“, додава Арсовски.
Од кабинетот на Заев, пак, велат дека неговиот план не е да ја одолговлекува оставката до декември и оти оставката е јасен чин на преземање одговорност. Заев одржа средба и со своите коалициони партнери, на која што сите изразиле поддршка на влада од ова парламентарно мнозинство и оти истото било стабилно. Заклучокот бил дека на земјата не и се потребни предвремени парламентарни избори и дека такви избори би ја втурнале земјата во политичка, економска, општествена и безбедносна криза.