Гласовите недобројани, партиите слават

Додека се чека на официјалните резултати од Државната изборна комисија (ДИК), политичките партии прогласија победи на локалните избори. Се слават победи по градските плоштади, се слави во партиските штабови и седишта

СКОПЈЕ – На Бихаќка, во седиштето на СДСМ, прес конференции одржа и генералниот секретар и шеф на изборниот штаб Љупчо Николовски. Веднаш по затварањето на избирачките места прогласи „сигурна победа“ а на потоа испрати и порака до политичките опоненти.

„Кочи Мицко, има и втор круг“, рече Николовски.

Според податоците од аналитичкиот штаб на СДСМ, кандидатите на оваа партија се победници во 28 општини, во дел од нив со финиш уште денеска, во првиот круг на изборите. Соопштија дека кандидатот за градоначалник на Скопје, Петер Шилегов има убедливо водство пред опонентите но не доволно за победа во првиот круг и ќе мора да се оди во втор круг.

„Покрај Град Скопје, СДСМ победува во првиот изборен круг или води односно влегува со водство во вториот круг во најмалку 25 и повеќе општини и тоа во Струмица, Крива Паланка, Делчево, Крушево, Ресен, Дојран, Богданци, Валандово, Берово, Кривогаштани, Кочани, Карпош, Центар, Пробиштип, голема предност во Шуто Оризари, во Пехчево, во Демир Капија, Демир Хисар, во Маврово-Ростуше, предност во Македонска Каменица, во Чашка, во Росоман, во Ново Село, во Старо Нагоричане, во Лозово и се разбира на ниво на Град Скопје. А пред ВМРО-ДПМНЕ убедливо водиме и во други македонски општини каде што или немаат кандидати или водиме пред нив – како што е Куманово, Долнени, Дебарца, Струга и многу други македонски градови“, рече Николовски.

Во седиштето на ВМРО – ДПМНЕ, „Белата Палата“, славјето почна нешто по 22 часот кога членови, сипматизери и активисти почнаа да се собираат на платото пред влезот. Се славеа победи во 25 општини, во неколку и целосни, со завршени избори уште во првиот круг.

Околу 23 часот пред пултот застана претседателот на партијата Христијан Мицкоски, кој покрај победата најави мнозиство во актуелниот парламент што ќе биде прв чекор кон предвермените парламентарни избори.

„Ова е огромна победа на народот на Македонија, победа на гласот на обесправените, на тивкото мнозинство. И покрај притисоците, поткупот, полицијата на Спасовски, обвинителството на Русковска, примитивизмот на Заев. Ова е триумф на оние кои гласаа, но и оние кои не гласаа. Триумф на хероите на Македонија. Денес трешти гласот на промените. Ова е прв голем чекор до финалната победа. Ова е победа, но и одговорност. Нема да ве изневериме. Се што зборував во оваа кампања паметам добро и ќе го направиме заеднички“, рече Мицкоски.

Според податоците на аналитичкиот центар на ВМРО – ДПМНЕ победа уште во првиот круг и крај на изборите има во Велес, Штип, Прилеп, Бутел, Гази Баба и неколку помали општини. Мицкоски најави дека очекува победа уште во првиот круг и во Аеродром и Киселва Вода каде што сеуште се бројат гласовите но имаат убедливо водство.

„Блиску до победа уште во првиот круг сме и во Битола“, најави Мицкоски.

Во албанскиот блок ДУИ прогласи победа на овие локални избори. „Се е позеленето“ кажа Бујар Османи, која ја имаше функцијата портпарол на партијата на денот на изборите. Три општини во првиот круг и водство во неколку други пред стартот на вториот круг е билансот од гласањето кој го соопштија од Мала Речица.

„Во првиот круг победивме во Сарај, Пласница и Липково. ДУИ е во значителна предност во Тетово и Чаир, во Кичево, во Струга, во Желино, во Теарце, Боговиње, ДУИ има предност во Арачиново, Долнени, во Дебар одиме во втор круг, во Гостивар зголемен е нашиот фонд на гласови за 100%. Во Чашка одиме во втор круг со предност. Покрај на локалните, општинските и централниот штаб, сакам да им заблагодарам и на гласачите кои се определија за духот на зелената агенда на животот на ДУИ која беше претставена пред избирачите. Како што секогаш сме биле победници и во овој важен процес за локална самоуправа излеговме како победници“, рече Ахмети.

Алијанса за Албанците и Алтернатива пак прогласија победа во две општини Гостивар и Дебар. Во вториот круг ќе имаат кандидати во Струга, Чаир, Теарце, Боговиње, Врапчиште и очекуваат нивниот кандидат да оди во вториот круг во Тетово.

Претседателот Зијадин Села обвини за пртисоци и уцени од владеачките партии и им се заблагодари на граѓани кои „имале храброст“ да гласаат за неговата партија.

„Тоа се резултатите од утре почнуваме да работиме за да добиеме што е можно повеќе општини како албанска опозиција. Народот гласаше, дел од нив не баш слободно. За жал живееме во држава каде што сега нема да продолжат со асфалтирање. Живееме во држава каде се вработуваа граѓаните со договор на дело кој не важи бидејќи е изборна кампања“, изјави Села.

Победа во првиот круг од изборите прогласи и екс социјалдемократот а сега независен кандидат Максим Димитриевски, кој во вториот круг ќе се соочи со екс сопартиецот Оливер Илиевски.

„Согласно нашиот аналитички центар првично можам да кажам дека вечерва граѓаните на Куманово победија. Советничката листа на концептот на граѓаните „За наше Куманово“ е убедлив победник на овие избори. Како независен кандидат повторно поддржан од граѓаните водам убедливо во првиот круг и очекувам на 31-ви октомври да добиеме уште поголема поддршка од граѓаните и да го потврдиме тоа“, изјави Димитриевски од плоштадот во Куманово.

Официјалните резултати, според најавите од Државната изборна комисија ќе бидат објавени неколку часа по полноќ.