Анализа на ИЈЗ: Бројките паѓаат, во болниците се хоспитализирни 600 пациенти

Се зголемува бројот на лица кои по втор пат се заразиле а веќе се регистрирани и пет смртни случаи кај оваа категорија

СКОПЈЕ - Девет отсто е процентот за кој се намалил бројот на нови случаи во периодот од 27 септември до 3 октомври споредено со неделата претходно, покажува анализата на Институтот за јавно здравје(ИЈЗ). Во овој период се регистрирани 2.670 новозаболени во 35 градови низ државата.


Најмногу нови случаи има во Скопје - 1.309 а највисока инциденца е регистрирана во Кратово - 294 случаи на 100 илјади жители. Повторно најголем број на заболени се лица над 60 годишна возраст - 738 случаи.

„Најмал број е регистриран кај возрасната група од 0-9години (н=86; 3,2%). Во однос на претходната недела, се забележува намалување на заболените лица кај сите возрасни групи, кое се движи од -1,6% кај лицата од 50-59 години инад 60+ години до -30,6% кај возрасната група од 0-9 години. Најголемо процентуално намалување се забележува кај помладата популација, односно кај лицата од возрасните групи од 0-9, 10-19 и 20-29 години“, стои во анализата на ИЈЗ.

Репродукцискиот број на заразени од Ковид - 19 (Р0) е 0,97 заклучно со минатата недела.

Во текот на мината недела вкупно 39 граѓани кои веќе еднаш го прележале вирусот повторно заболеле што е зголемување од 21,9 отсто.

Во овој период 85 лица од 24 градови починаа поради компликации предизвикани од коронавирусот. Најмногу жртви има во Скопје , вкупно 35. Дури 73 лица кои починаа минатата недела имаат 60 или повеќе години.

Минатата недела се направени 22.548 тестирања а просекот на позитивни тестови е 11,6 отсто.

„Со статус „оздравени“ се стекнале 2.681 лице кои биле хоспитализирани или на домашно лекување, намалување од 26,4% во споредба со минатата недела“, информираат од ИЈЗ.

Во моментов во Ковид центрите и на инфективните одделенија во Скопје и во внатрешноста од државата се хоспитализирани 600 лица, 382 се на ислородна поддршка, а 23 на инвазивна/неинвазивна механичка вентилација.

Од почетокот на епидемијата најмногу заболени се регистрирани во Скопје, Куманово и Тетово. Највисок морталитет има во Прилеп, Охрид и Кавадарци а највисок леталитет се регистрира во Струга и Крушево.

Според официјалните информации, од почетокот на епидемијата 591 лице по втор пат се заразило од коронавирусот а петмина починале.

Досега се евидиентирани 6.719 смртни случаи.Меѓу нив се седум трудници и 31 здравствен работник.

Анализата на ИЈЗ покажува дека кај 4.984, или 74,2% од лицата за кои има податок, се регистрирани коморбидитети. Најчесто станува збор за кардиоваскуларна болест -4.043 случаи, дијабет - 1.667случаи и белодробна болест во 748случаи.

Според последните официјални инфромации 789.802 лица се вакцинирани со барем една доза што е 47,4 отсто од полнолетните граѓани во државата.Целосно, со две дози вакцина, се вакцинирани 734 илјади граѓани.