Американскиот дом ќе расправа за предлог-законот за инфраструктура од еден трилион долари

Пелоси изјави дека преговорите сигурно ќе резултираат со пониска сума од предвидената, нарекувајќи го таквиот развој на настаните „очигледен“

Претставничкиот дом на САД денес треба да започне расправа за инфраструктурниот предлог-закон од еден трилион американски долари пред планираното гласање в четврток за мерката што е главен дел од домашната агенда на претседателот Џо Бајден.

Претседателката на Претставничкиот дом Ненси Пелоси ги објави датумите во писмото до демократските пратеници во неделата, а во телевизиските интервјуа изрази уверување дека законот ќе помине.

„Дозволете ми само да кажам дека ќе го усвоиме законот оваа недела“, рече Пелоси во емисијата „Оваа недела“ на ABC News.

Таа додаде дека нема да го донесе предлог-законот на разгледување во Претставничкиот дом, доколку нема доволно поддршка за да се донесе.

Сенатот го одобри планот за инфраструктура на гласање минатиот месец, на кој 19 републиканци им се придружија на сите 50 членови на пратеничката група на Демократите.

Трошоците за инфраструктура, со речиси половина од финансирањето на новата влада, ќе ги поправат старите патишта и мостови и ќе го прошират широкопојасниот интернет, ќе се работи и на замена на опасните системи за вода за пиење со олово, ќе се додаде нова канализациона инфраструктура, ќе ги прошират патничките железнички и транзитни системи а, ќе се реконструираат и дел од аеродромите во САД.

Пелоси во своето писмо рече дека лидерите на Претставничкиот дом, исто така, работат со Сенатот и Белата куќа на посебен предлог од 3,5 трилиони долари, кој вклучува социјална заштита и програми за климатските промени. Таа мерка вклучува планови за обезбедување универзална настава за предучилишна настава, градинки и бесплатни часови на колеџ, проширена здравствена заштита за постарите Американци, финансирање за грижа на деца, пари за борба против ефектите од климатските промени, и промена на законот за имиграција и обид за намалување на цените на лековите на рецепт.

Но, поголемиот предлог-закон, што беше изгласан во Комисијата за буџет на Претставничкиот дом во саботата, се соочува со поголемо противење, вклучително и од некои демократи во Сенатот, кои велат дека нема да поддржат толку многу трошоци.

Пелоси исто така изјави дека преговорите сигурно ќе резултираат со пониска сума од предвидената, нарекувајќи го таквиот развој на настаните „очигледен“.

Некои информации за овој извештај се од Асошиетед прес и Ројтерс.