Американскиот претседател Џо Бајден денес повика шест шефови на држави и тројца лидери на мултилатерални организации за да го изразат својот повик: дека посилната климатска акција не е само итна - тоа е исто така добро и за глобалната економија.
Лидерите се состанаа шест недели пред Конференцијата на Обединетите нации за климатски промени, настан што има за цел да ги прикаже идните глобални напори поврзани со климатските промени.
„Сакав да покажам дека се наоѓаме во точка на пресврт и дека постои вистински консензус, дека иако климатската криза претставува егзистенцијална закана, постои таканаречена сребрена линија“, им рече Бајден на лидерите на Аргентина, Бангладеш, Индонезија, Јужна Кореја, Мексико и Обединетото Кралство, кои сите виртуелно присуствуваа на настанот.
„Климатската криза, исто така, претставува вистински и неверојатни економски можности да се отворат работни места и да се подигне стандардот на живот за луѓето ширум светот“.
Едно од првите ветувања на Бајден беше враќањето на САД во Парискиот договор за климатските промени, откако неговиот претходник Доналд Трамп се повлече велејќи дека тоа е „лош договор“ за земјата.
Правно обврзувачкиот меѓународен договор има за цел да го ограничи глобалното зголемување на температурата за 1,5 степени во споредба со прединдустриските нивоа. За развиените нации како САД и Кина - двете најголеми загадувачи - тоа ќе бара значително намалување на глобалните емисии на стакленички гасови.
За САД, тоа би барало намалување на емисиите за 50 до 52 проценти под нивото од 2005-та година до 2030-та година, потег што може да бара значајно поместување од традиционалните извори на енергија како јагленот кон позелени извори како соларната и енергијата со ветер.
Генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш, денес го повтори чувството на итност.
Шефот на ОН директно ја обвини одговорноста врз развиениот свет, истакнувајќи дека 80 проценти од глобалните емисии се предизвикани од 20-те најбогати нации во светот. Тој ги повика сите нации да постават поамбициозни цели за емисии, и развиените земји да ја исполнат својата обврска од 100 милијарди долари за да им помогнат на земјите во развој да се справат со климатските промени.
Но, она што е забележливо е дека Кина, како еден од најголемите загадувачи, немаше ниту еден свој преставник.
Никос Цафос, аналитичар кој работи на енергија и геополитика во Центарот за стратешки и меѓународни студии во Вашингтон, вели дека има многу нејаснотии за односите САД-Кина кога станува збор за дискусиите за климатските промени.
„Билатералната врска е посложена и понепријателска отколку што беше за време на преговорите за Договорот од Париз во 2015-та година, што го отежнува раздвојувањето на климатските промени од бројните спорови меѓу двете земји“, напиша тој. „Кина, исто така, се обиде да се окарактеризира како лидер во областа на климатските промени и е помалку подготвена да стори се’ што може да се види како подлога на притисокот на САД“.
Но, истакна тој, перспективата на Кина исто така се промени. И, тие сега гледаат можност да заработат. Со години, рече тој, кинеските фирми се главни играчи во индустријата за ветер и соларна енергија, а нацијата е поголем пазар за електрични возила отколку САД.
„Веќе нема потреба да се убедува Кина да се приклони кон енергетската транзиција“, рече тој.
197-те страни на Парискиот договор - кои вклучуваат одделни земји и наднационални групи - ќе се состанат во ноември, во Глазгов, Шкотска.