Поради пандемијата, во Струга не допатува добитничката на Златниот венец, британската поетеса Карол Ен Дафи

Your browser doesn’t support HTML5

За разлика од минатогодишното издание каде однапред беше одлучено дека странските поети ќе се претстават само со видео читања, оваа година поканивме околу 20 странски поети, од кои 15 ќе имаат физичко присуство

На кејот на реката Црни Дрим поставени се знамињата на државите од каде што доаѓаат поетите учесници на годинешново 60-то по ред јубилејно издание на Струшките вечери на поезијата. Но, поради ситуацијата со ковид, најпознатиот дел од фестивалот, меѓународното поетско читање „Мостови“, кое по традиција се одржуваше на “Мостот на поезијата” на реката Црни Дрим, ќе се одржи на отворената тераса во хотел Дрим исто како и свеченото отварање, кое се одржуваше пред платото на Центарот за култура. Изостастана и традиционалното садење на дрво во Паркот на поезијата, нешто кое го правеше добитникот на највисоката награда на фестивалот Златен венец на Струшките вечери на поезијата, непосредно пред официјалното отварање. Поради пандемијата и британската поетеса Керол Ен Дафи годинешна добитничка на Златниот венец, не дојде во Струга. Таа ќе има само видео обраќање. Нејзинот доаѓање е најавено за наредната година на фестивалот.

„Ние успеавме да испорачаме едно издание кое што ќе се одржи со почитување на сите пропишани мерки за заштита од ковид. Со контрола на публиката во однос на поседување на сертификати за имунизација и серитификати за прележан ковид. За разлика од минатогодишното издание каде однапред беше одлучено дека странските поети ќе се претстават само со видео читања, оваа година поканивме околу 20 странски поети, од кои 15 ќе имаат физичко присуство. Програмата на фестивалот го задржува својот препознатлив формат. Заради условите на пандемија, моравме повторно локациите на главните настани, отворањето и затворањето, да ги префрлиме на отворената покриена сцена на хотел Дрим“, рече директорот на Струшки вечери на поезијата, Тодорче Тасевски.

На шест деценискиот јубилеј се предвидени и одредени содржини, по кои фестивалот годинава ќе биде препознатлив.

„Во програмата се предвидени меморијални чествувања на доаените на македонската книжевност и поезија, Богомил Ѓузел и Анте Поповски, а како специјален настан во рамките на национална програма,100 години од раѓањето на Блаже Конески е предвидена и промоцијата на специјално издание на избор од поезијата и кратка проза од Блаже Конески. Годинава изданието се одржува под мотото „Извишени сведоштва, возвишени стихови“ и се однесува на дрвјата кои лауреатите секоја година ги засадуваат во Паркот на поезијата. Преку ова мото, сакавме да го свртиме вниманието на јавноста кон Паркот на поезијата, кој е уникатен и заслужува и поголема свест околу неговото одржување и почитување“, рече Тасевски.

Во Струга присутни се 30-тина поети од кои половината се од странство. Струга точно шест децении живее за и со Струшките вечери на поезијата, најголемата поетска манифестација во земјава и меѓу најпознатите во светски рамки.Од фестивалот велат, во услови кога голем дел од светски познатите поетски фестивали биле откажани или одложени, добро е што Струшките вечери на поезијата ќе го зачуваат континуитетот на одржување, кој почнувајќи од 1961-ва година ја покажува моќта на поезијата да го обедини светот.