ВМРО-ДПМНЕ обелодени нови 19 имиња за кандидати за градоначалници за претстојните локални избори. Најголемо внимание привлече предлогот за прв човек на Куманово – една од клучните општини во земјава. Станува збор за Тони Михајловски, актер, кој со години беше дел од структурите на ВМРО-ДПМНЕ, а од 2018-та е член и на Извршниот комитет. На денеска објавената листа-кандидати за градоначалници на Охрид, Ѓорче Петров, Бутел, Пробиштип, Берово, Македонски Брод, Маврово, има и пратеници, доктори, инжинери, и само една жена меѓу 19 предложени. Кандидат за Скопје, ВМРО-ДПМНЕ се’ уште нема.
“За Скопје правиме уште една дополнителна анкета и се надевам дека набрзо на Извршен комитет ќе ги разгледуваме бројките и дека до крајот на месецот, или почетокот на идниот ќе го имаме кандидатот за градоначалник. За коалицијата со Алијанса за Албанците/Алтернатива, се надевам дека наскоро ќе ги соопштиме деталите и за тоа ќе се произнесат сите структури на партијата”, рече потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски.
Идејата е Алијанса да даде поддршка на нивниот кандидат за Скопје, позиција за која се споменува актуелната претседателка на Сојузот на стопански комори, Даниела Алексовска. Владејачката партија смета дека понудата на опозицијата се сведува на веќе видени лица. Прашува зошто се’ уште немаат кандидат за Скопје.
„Кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ не се нови луѓе, туку се од времето на режимот на Груевски. Како да немале кандидати и избрале луѓе кои се подготвени да изгубат, а ВМРО-ДПМНЕ пак нема кандидат за град Скопје, а тоа не води кон заклучокот дека ВМРО нема голема доверба во главниот град“, изјави Богданка Кузеска од СДСМ.
ВМРО-ДПМНЕ со денеска објавените, има утврдено 45 кандидати за градоначалници. СДСМ досега објави 35 кандидати за градоначалници, а во тек е и повик за самокандидирање на советници за општинските совети и за Град Скопје.
Од Државната изборна комисија денеска информираа дека заклучно со синоќа собрани се потписите за 4 независни листи на кандидати за членови на општински совети, меѓу кои и за најпрестижната – скопски Центар. Собирањето потписи ќе трае до 30 август на полноќ. Од утре стартува јавниот увид во избирачкиот список и оваа операција ќе трае до 9-ти септември. Рокот за заклучување на избирачкиот список е 24-ти септември.