Владата на Куба соопшти дека еден човек починал на антивладините протести, додека групите за човекови права велат дека биле уапсени повеќе од сто луѓе.
Според Владата, 36 годишен маж починал во понеделникот за време на судирите меѓу демонстрантите и полицијата во предградие на Хавана.
Главниот град на Куба е под силно полициско обезбедување од вторникот, два дена откако во делови од земјата избија најголемите антивладини демонстрации во последните неколку децении.
Демонстрантите се бунтуваат против недостатокот на храна, високите цени, проблемите со напојувањето со електрична енергија и начинот на кој Владата се справува со пандемијата на корона вирус.
Државните медиуми во Куба пренесоа дека поранешниот лидер Раул Кастро во неделата се сретнал со претседателот Мигуел Диаз – Канел и со други членови на лидерството на владејачката Комунистичка партија.
Диаз – Канел и други функционери за нередите ги обвинија кубанските Американци и нивното влијание на социјалните медиуми, како и американската Влада поради децениското ембарго за Куба.
Санкциите и рестрикциите воведени од поранешниот претседател Доналд Трамп и намалениот туризам поради пандемијата претставуваат дополнителен притисок за кубанската економија.
Портпаролот на американскиот Стејт Департмент, Нед Прајс, на брифинг во вторникот рече дека демонстрантите „се спротивставуваат на авторитарниот режим“.
„Тие се разбирливо исцрпени зашто не им се задоволени основните потреби“ рече Прајс.
Фирмата за мониторинг на интернет НетБлокс соопшти дека кубанската Влада го ограничила пристапот до бројни апликации за комуникација, како и социјални медиуми вклучително и Facebook и WhatsApp.
Министерот за надворешни работи на Куба Бруно Родригез ги отфрли ваквите тврдења.
„Имаме проблеми со електричната енергија, имаме проблеми со комуникациските мрежи. Вистина е дека сме во комплексна ситуација и дека има прекини со електричното напојување во изминативе денови, а сето тоа влијае на функционирањето на телекомуникациските мрежи“ изјави тој.
Прајс рече дека САД бараат Куба да ги отвори „сите можности за комуникација на граѓаните“.