Главната цел на европската турнеја е заживување на врските на Вашингтон со неговите западни сојузници, што би овозможило и посилна основа за плодна средба со Владимир Путин. Бајден веќе посочи дека ќе разговара за можното подобрување на односите со Москва на сите средби на високо ниво за време на неговото европско патување.
Белата куќа веќе посочи дека очекува оти самитот на двајцата претседатели може да биде проследен со воспоставување на „предвидливи и стабилни билатерални односи со Русија“.
Амбициите на претседателот Бајден одат понатаму, вели Чарлс Капчан, експерт во влијателниот Совет за надворешни односи.
Според него, САД сакаат да го прошират своето глобално влијание - од климатски промени до геостратешка безбедност, во која важна улога игра потенцијално успешниот дијалог со рускиот претседател.
Според Капчан, претстојниот самит може да биде корисен за Путин:
„Со оглед на подемот на Кина и растечкото противење на домашен терен, Путин може да биде подготвен да ја избалансира својата позиција наспроти САД и да ја олабави конфронтацијата со Америка и Европа.“
Даниел Хамилтон, експерт во престижниот центар Вилсон, истакнува:
„Самитот не е подарок за Путин, туку признание дека Путин се прашува за се. Може да се каже дека политички Путин е исто што и Русија. Значи, секогаш кога ќе се побара објаснување, патот води директно до него.“
Капчан предвидува:
„Верувам дека разговорите во Женева ќе бидат тешки и дека претседателот Бајден постепено отворено ќе ги изнесе сите свои приговори. Разговорот сигурно нема да биде пријатен, ниту пак ќе претставува ресетирање на американско-руските односи. Повредата на суверенитетот не е нешто што може да се толерира, туку нешто што заслужува казна. Сепак, потребно е да се воспостават одредени пошироки параметри како брана за можен целосен распад на односите меѓу САД и Русија.“
Повеќето аналитичари се согласуваат дека е потребно преиспитување на некои спорни прашања со Москва со цел да се воспостави поширока меѓународна агенда што вклучува воспоставување глобална стратешка стабилност, контрола на нуклеарното оружје и заедничка работа на климатските промени.
Согласноста на Америка и Русија во таа смисла, исто така, ќе придонесе за придвижување на американско-руските односи во попозитивна насока од „сегашната затруена ситуација“, посочуваат Хамилтон и Капчан.