Амазон го купува филмското студио MGM

Гигантот за интернет трговија го купува филмското и телевизиско студио MGM кое, меѓу другото, стои и зад серијалот филмови за Џејмс Бонд. Со овој потег Амазон сака да ја зголеми понудата на својот сервис за стриминг, Амазон Прајм.

Амазон ќе плати 8.45 милијарди долари за MGM со што ова би била втората најголема аквизиција од страна на компанијата откако во 2017-та плати речиси 14 милијарди долари за синџирот супермаркети Whole Foods.

Овој договор е последен во низа во индустријата со медиуми во која се води битка за засилување на позициите на сервисите за стримување за тие да можат да се натпреваруваат со Netflix и Disney+.

AT&T и Discovery на 17-ти мај објавија дека ќе ги спојат медиумските компании со што ќе создадат конгломерат кој ќе ги вклучува HGTV, CNN, Food Network и HBO.

Амазон не открива колкумина го користат нивниот Прајм видео сервис. Но, повеќе од 200 милиони луѓе имаат пристап до него зашто плаќаат за Прајм членство кое им овозможува побрза достава и други привилегии при интернет пазарењето.

Со купувањето на MGM Амазон ќе добие пристап до повеќе филмови, серии и познати ликови како Роки, Робокап и Пинк Пантер. Амазон исто така го добива и кабелскиот канал Epix кој е во сопственост на MGM.

Договорот кој треба да биде одобрен од надлежните ќе го направи Амазон уште поголема компанија. Регулаторите низ светот ги анализираат бизнис практиките на Амазон, особено начините на кои прибира информации од бизнисите кои продаваат преку неговата платформа и ги користи за да креира и понуди сопствени производи базирани на нив.