На денот кога се одбележува делото на Светите Кирил и Методиј, бугарскиот врв прати порака до земјава - „Патот на Северна Македонија кон Европската Унија минува низ Софија“ – изјави претседателот Румен Радев велејќи дека треба да се разговара и да се постигне договор за отворените прашања. Тој не прецизираше која е позицијата на Бугарија за предлог-документот што во петокот го претстави министерот за надворешни работи на Португалија – земјата претседавач со ЕУ. Премиерот Заев денеска, по настапот поврзан со Свети Кирил и Методиј, рече дека драфтот од Португалија е добра основа за продолжување на разговорот и дека ги зема во предвид позициите на Скопје и на Софија.
„Португалското претседателство и министерот Аугусто Силва, заедно со неговиот тим, воделе грижа да бидат вклучени очекувањата на двете страни. Кај нас рековме дека тоа е добра база и појдовна основа за решение. Сериозно дискутираме за предлогот, се одржаа неколку состаноци, ќе продолжиме со состаноци оваа седмица. Исто така, гледам и од бугарската страна и согласно резолуцијата усвоена во бугарскиот парламент, ставовите на нивната страна, тие го имаат сето тоа што е важно соодветно и алоцирано, дали е во Договорот за стабилизација и асоцијација, дали е во патната карта која претставува обврска за двете страни во идното позабрзано реализирање на Договорот за добрососедство меѓу С. Македонија и Бугарија, или без разлика дали се работи за прашања кои ниту еден народ не ги разговарал, така и ние, тоа е нашиот македонски јазик и идентитет кои се строго заштитени. Но, истовремено ја има опфатено и бугарската страна, а тоа е реалноста за постоењето на македонскиот јазик и идентитет“, изјави премиерот Зоран Заев.