Заев во Брисел - лобирање за почеток на преговори со ЕУ

Your browser doesn’t support HTML5

За една седмица две посети на Брисел со иста порака – Северна Македонија заслужи да ги почне преговорите за членство. Она што Зоран Заев денеска пак го повторил пред врвот на Европската унија е дека ЕУ е таа која сега е на ред. „На крајот треба Европа да испорача само пола чекор, затоа што ние имаме одлука за почеток на преговорите, не е за поглавјата, туку за првата Меѓувладина конференција“, изјави Заев по состанокот со Претседателот на Европскиот Совет. Шарл Мишел, по средбата, напиша дека „Остануваат подеднакво посветени на ЕУ перспективата на Северна Македонија“.

Слична била пораката и на Специјалниот прeтставник на ЕУ за регионот, Мирослав Лајчак. И тој се согласил со тезата дека ако наскоро нема позитивен исчекор во однос на земјава Унијата ќе го изгуби кредибилитетот не само во Северна Македонија, туку и во целиот Западен Балкан. На ваквиот можен развој на ситуацијата премиерот предупреди и на синоќешната работна вечера на лидерите од регионот на која се разговарало за клучните прашања на Западен Балкан, меѓу кои и она за старт на преговори со Скопје.

„Претставниците на ЕУ знаат и разбираат дека нашиот македонски идентитет и јазик не се и никогаш нема да бидат за преговори. Во секој момент сме подготвени и имаме волја за прашања од регионален карактер да разговараме со Бугарија во секое време без тоа да влијае на нашето пристапување кон ЕУ. Со лидерите на Западен Балкан имаме неподелен став дека ЕУ не може да смета дека е целосна без регионот и дека секое одлагање на процесот го загрзоува кредибилитетот на Брисел меѓу нашите граѓани“ изјави премиерот Зоран Заев.

Европските дипломати се согласуваат дека е потребен напредок, но велат дека за тоа треба сите да придонесат.

„Низ надминување на билатералните спорови, дали преку дијалогот Белград-Приштина, дали преку одржување на првите Меѓувладини конференции. Ги имаме потребните нешта и сега треба целосно да ги искористиме и оваа да биде година на Западен Балкан“ рече еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји.

Наспроти интензивирањето на дипломатските активности во Брисел опозицијата дома е скептична дека наскоро ќе има позитивен исход.

Заев, Димитров и Османи велат дека во прашање е репутацијата на ЕУ ако нема датум за почеток на преговори. Јас би се согласил со една, а тоа е дека во прашање е репутацијата на Заев, Димитров и Осамни кои 4 години ветуваат почеток на преговори, а гледаме дека тоа го нема“ изјави Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ.

Најавено е засилување на контактите Скопје-Софија. Наредната недела претседателите Стево Пендаровски и Румен Радев, заеднички ќе оддадат почит на делото на Кирил и Методиј во Рим.