Џо Бајден најави нови мерки за поттикнување на вакцинацијата

Американскиот претседател Џо Бајден објави нови начини со кои ќе се помогне на повеќе Американци да се вакцинираат против корона вирусот.

Белата Куќа соопшти дека Бајден се сретнал со двопартиска група на гувернери и им го презентирал планот со кој компаниите за превоз како Убер и Лифт треба да обезбедат бесплатен превоз од и до местата за вакцинација за сите кои ќе се имунизираат пред 4-ти јули.

Тоа е Денот на независноста на САД и денот кој Бајден го постави како цел – дотогаш да бидат вакцинирани 70% од возрасните Американци со барем една доза. Овој процент сега достигнува 58.

Бајден исто така објави дека некои од најголемите колеџи во земјата ќе послужат како места за вакцинација на студентите, персоналот и на локалните жители во текот на мај и јуни.

Американската влада исто така ќе обезбеди итно финансирање за проектите на сојузните држави со кои граѓаните телефонски или директно се повикуваат да се вакцинираат, како и за привремените пунктови за вакцинирање кои се отвораат во локални компании и цркви.

Овие чекори доаѓаат во време кога во САД започна да се намалува темпото на вакцинирање. Последниве денови се даваат по околу 2.1 милион дози на ден што е за 3 милиони помалку во однос на периодот пред неколку недели.

Една петтина од Американците велат немаат намера да се вакцинираат или се скептични поради некоја причина.

Во САД досега се регистрирани над 32.7 милиони потврдени случаи на Ковид-19 од кои над 582 илјади се починати, покажуваат најновите податоци на Универзитетот Џонс Хопкинс.

Дневниот број на нови случаи започна нагло да отпаѓа откако се зголеми процентот на вакцинирани луѓе.