Цените на Ковид лекување приватните клиники ќе се ограничат со закон

Нема решение за цените на тестирањата во приватните лаборатории. Од среда продолжува вакцинацијата на населението, границата се спушта на 70 години. Од здравство засега нема најава дека хронично болните без разлика на возраста ќе бидат приоритет. Најави за нови пратки на вакцини има, датум нема

СКОПЈЕ - Авансни уплати од над 10 илјади евра за да се хоспитализира пациент заболен од Ковид - 19, илјада евра на ден за третман и хоспитализација, суми кои надминуваат 12 илјади евра за лекување... Ова беа дел од условите и цените со кои се соочуваа граѓаните кои поради личен избор или други причини се лечеа од Ковид-19 во приватните клиники. Овие цени долго време беа на удар на јавноста која смета дека се нереално високи а особено откако во ноември минатата година беше прогласена кризна состојба со што се отвори пат државата да користи дел од приватните капацитети доколку се јави потреба.

Минатата недела министерот за здравство Венко Филипче имаше состанок со претставниците на приватните клиники „Систина“ и „Жан Митрев“ но без некој поголем успех. „Сиситна“ одби да ги намали цените поради економска неисплатливост, а „Жан Митрев“ ги намали цените за лекување за 10 отсто и сега за десетдневно лекување ќе се плаќа 6 односно 8 илјади евра.

Затоа цените ќе се ограничуваат со законски измени. Меѓутоа детaли за тоа колку ќе се ограничи нема.

„Денеска на Главниот координативен Кризен штаб се донесе одлука да се направи измена во Законот за здравствена заштита со која на приватните болници ќе се ограничи висината на наплата на финансиски средства за времетраење на кризата или вонредна состојба а што се однесува конкретно за лекување на ковид пациенти. Го слушнавме апелот на граѓаните, сепак е криза има потреба да се користи тој болнички капацитет и во таа смисла веќе утре на Владата ќе и го поднесеме предлог измена на Законот за здравствена заштита“,изјави Венко Филипче, министер за здравство.

Уште еден проблем се и цените на услугите на приватните лаборатории бидејќи голем број на граѓани во недостиг на термини или итност се тстираат токму кај нив.

Речиси половина од над 600 илјади тестови за Ковид -19 се направени токму во приватните лаборатории. Засега нема најава за унифицирана цена изедначена со онаа во јавното здравство.

Нема прецизна најава и за тоа кога, колку и кои вакцини ќе пристигнат во државата. Денеска пристигна донација од две илјади дози „Синофарм“ од Обединетите Арапски Емирати.

Од здравство велат дека договорите се потпишани, процедурите завршени, средствата префлени.

„Сите потребни постапки и административни процедури моментално се завршени во однос на набвавката на кинеските вакцини, потоа договорот со Фајзер и сите пречки се отстранети и очекуваме во најбрз рок да почнат да пристигаат поголеми количини на вакцини по повеќе канали, конкретни датуми не би изнесувале, од причина што во изминатиов период се покажа дека притисокот врз произвдителите на вакцини го направи своето и тоа што нас ни го најавија како термин за пристигнување на вакцини, не го испочитуваа. Дополнително очекуваме уште една поголема пратка од Ковакс механизмот во мај “, одговорија од министерствто за Гласот на Америка на македонски јазик.

А денеска во „Борис Трајковски“ се вакцинираа медиумските работници.

Станува збор за 631 лице кои го исполнуваа условот, да се над 40 годишна возраст, да работат на терен или да имаат хронични заболувања. Утре ќе заврши вакцинацијата на вработените во критичната државна инфраструктура а веќе во среда продолжува тековната вакцинација на возрасното население а возрасната граница ќе се спушти на 70 години.

„Почнувајќи од среда вакцинацијата ќе продолжи согласно Националната стартегија за ковид имунизција со проритет врз основа на возраст. односно во оваа фаза ќе бидат опфатени возрасни лица од 70 години и постари категорија што секако е опфатена со најголем број на хронични болести, со висок ризик за тешка форма на ковид 19 болест, компликации и смртен исход. Вакцинацијата ќе продолжи со вакцините кои во моментов ќе бидат достапни, ниту една од достапните вакцини нема контраиндикација за некаква хронична болест“, информираат од здравство.

„Кога ќе се извакцинираат сите граѓани кои изразиле желба над 70 години, потоа над 65 години во зависност од достапноста на количини на вакцини ќе се приоретизираат хроничните болести“, велат од здравство


Хронично болните, како граѓаните кои имаат малигни заболувања, лицата со дијабетес и бубрежно болните кои одат на дијализа а кои се под границата од 70 години нема да влезат во приоритетните категории сега за сега.

Во последното деноноќие 193 новозаболени но направени се само 1.193 тестирања. Починаа 34 пациенти со што вкупната бројка на жртви се искачи на 4.262 лица. Во моментов активни се 19.978 случаи а во Ковид центрите во Скопје и на инфетктвините одделенија во болниците во главниот град и во внатрешноста се хоспитализирани 1.735 пациенти. Здравстебите капацитети располагаат со околу 340 слободни кревети.