Владимир Јанковски, добитник на „Роман на годината“: Македонскиот писател се чувствува клаустрофобично

Your browser doesn’t support HTML5

Недостасуваат стратегии со кои би се помогнало делата од домашните писатели да добијат добри преводи и да излезат од границите на земјата, истакнува годинашниот добитник на книжевната награда „Роман на годината“ во разговор за „Гласот на Америка“

Има ли стратегија за читателски навики, зошто македонската литература недоволно се преведува во странство, како пандемијата ги погоди авторите. На овие прашања разговаравме со Владимир Јанковски, добитник на годинешната книжевна награда „Роман на годината“.

„Имаше на почетокот од пандемијата одредена романтизација дури на чинот на пишување, на чинот на творење и така натаму. Но тоа беше само првичен импулс“, вели Јанковски.


Тоа што сега недостасува се промоциите и комуникацијата со читателите.

„После првичното чувство на една позитивна оддишка и изолација и можност човек да пишува, доаѓа второ или трето чувство дека едноставно комуникацијата, живиот дијалог, живиот допир со читателите или со колегите е оневозможена. И сето тоа сепак влијае негативно во однос на книжевниот живот“, истакнува лауреатот.

Луѓето сè помалку читаат и сè помалку се одлучуваат за книгата како прва опција со којашто ќе го поминат своето слободно време или за книгата како прва опција со која нешто убаво и креативно ќе направат во текот на денот


Наградата на Јанковски му беше доделена за романот „Скриени желби, немирни патувања“. Вели дека книжевните признанија се значајни, но не и пресудни за животот на една книга.

Не сакам литературата и уметноста да се сфатат како еден вид натпревар. Убавината на литературата и на уметноста и на книжевните дела е тоа што можеме да имаме повеќе омилени писатели, можеме да имаме повеќе книги коишто ни се омилени“, смета Јанковски.

Годинава во конкуренција за наградата беа 40ина дела. Тоа, според Јанковски, укажува дека книжевната продукција оди во нагорна линија. Но, бројот на читатели оди надолу.

„Не се работи на развојот на читателската публика. Мислам дека луѓето сè помалку читаат и сè помалку се одлучуваат за книгата како прва опција со којашто ќе го поминат своето слободно време или за книгата како прва опција со која нешто убаво и креативно ќе направат во текот на денот“, укажува Јанковски.

Причините за овој негативен читателски тренд, Јанковски ги гледа во образованието.


„Како држава мора да создадеме стратегија со конкретни планови и акции со кои што книгата ќе стане релевантна на најмладите читатели. Уште од основно образование, кај децата ќе се развива однос кон книгата“.

Во разговорот со лауреатот на „Роман на годината“ го отворивме и прашањето за застапеноста на делата од македонските автори низ светот.

„Многу често македонскиот писател се чувствува клаустрофобично во оваа наша книжевна сцена и тоа е нормално. За да ги напуштиме границите на нашата земја, треба повеќедецениска стратегија и повеќедецениско сериозно работење на тоа поле“, нагласува лауреатот.

Живееме во лудилото на брзината, наместо да живееме во разумноста на бавноста. А некои нешта да се забележат, да се перцепираат на вистински начин, практично е потребно бавност


Едно од решенијата, според Јанковски, е создавање тим од релевантни преведувачи низ светот.

„Тоа е активност којашто едноставно не може да ја направат ниту агенции коишто управуваат со авторски права, ниту издавачки куќи во Македонија, ниту писателски здруженија како Друштвото на писателите. Туку тоа е нешто што може да го направи само системот на државата, бидејќи тоа подразбира инвестиција од сега, а којашто ќе се врати на еден благороден начин дури по 20 или 30 години“, објаснува Јанковски.

Еден од аспектите што Јанковски ги опфаќа во неговиот роман е и модерното секојдневие, за кое вели дека се претворило во постојното брзање.


„Живееме во лудилото на брзината, наместо да живееме во разумноста на бавноста. А некои нешта да се забележат, да се перцепираат на вистински начин, практично е потребно бавност“.

Останува на читателите да подзастанат, да си дадат оддишка и што поскоро да земат книга во рака.