Полицијата во Булдер, Колорадо соопшти дека десет луѓе биле убиени во вчерашниот вооружен напад во супермаркет.
Меѓу убиените е и полицаецот Ерик Тали кој прв пристигнал на местото на пукањето.
Шефот на полицијата на Булдер, Марис Херолд, вели дека Ерик Тали постапил „херојски.“
Еден осомничен е уапсен, а според полицијата истрагата ќе продолжи уште најмалку пет дена.
Локалниот јавен обвинител, Мајкл Доерти изјави дека е премногу рано да се шпекулира за мотивот на нападот.
„Овие луѓе си го терале денот, си пазареле храна и нивните животи беа прекинати нагло и трагично од напаѓачот кој е во притвор“ рече Доерти.
Овој вооружен напад се случи само една недела по оној во Атланта каде беа убиени осуммина.