Фридом хаус го намали рангирањето на САД

Во 2020-та слободите низ светот се влошиле, 15-та година по ред. Ова го покажува најновиот извештај на Фридом хаус во кој се анализираат политичките права и граѓанските слободи.

Групата вели дека сега помалку од една петтина од светското население живее во „целосно слободни“ земји, ова е најнизок процент од 1995-та.

Во извештајот се наведува дека пандемијата со корона вирус им овозможила на многу режими низ светот „да ја намалат транспарентноста, да промовираат лажни информации и да ги сузбијат нивните критичари.“

„Мерките во некои случаи беа претерани, политизирани или брутално наметнувани од безбедносните агенции. Антидемократските лидери низ светот ја искористија пандемијата како изговор за да ја ослабат опозицијата и да ја консолидираат моќта“ наведува групата. „Всушност, голем дел од негативниот развој оваа година веројатно ќе има далекусежни последици, евентуалниот крај на пандемијата нема да значи и ревитализација на демократијата веднаш.“

Групата ги намали рангирањата за слободите во 73 држави.

Индија беше префрлена од „слободна“ во „делумно слободна“ поради ерозија на политичките и граѓанските права, наведува групата.

Фридом хаус го критикува кинеското „малигно влијание“, во случајот со разбивањето на протестите во Хонгконг, но и во „глобалната кампања за дезинформации и цензура“ која ги попречи можностите на светот да одговори на пандемијата со корона вирус.

Извештајот исто така ја обвинува Kина за „зголемено мешање во домашниот политички дискурс во демократски држави.“

Фридом хаус наведува дека САД се уште се сметаат за „слободна земја“, но резултатот е намален за 11 поени во изминатата деценија. Групата го обвинува поранешниот претседател Доналд Трамп за пад од 3 поени само во 2020-та година.

Сега, наведува Фридом хаус, САД се рангирани на ниво со Романија или Панама наместо со „водечките демократии“ како Франција и Германија.