60 години од американскиот Мировен корпус

Your browser doesn’t support HTML5

Пред шеесет години претседателот Џон Ф. Кенеди ја потпиша извршната одредба со која беше формиран Мировниот корпус – меѓународна волонтерска организација за промоција на мирот и пријателството.

Визијата се родила пред шест децении. Поранешниот претседател Џон Ф. Кенеди ја зацрта програмата што им создаде можности на младите Американци да одат во странство и освен што ќе работат рамо до рамо со локалните жители, во исто време и да учат од нив.

„Припадниците на Мировниот корпус нема да земаат плата. Тие ќе одат во странство и ќе живеат во истите услови како луѓето во тие држави. Две или три години од нивните животи ќе посветат на мирот и на зацврстувањето на врските што ги зближуваат луѓето низ светот“ изјави тогаш претседателот Џон Ф. Кенеди.

На времето тоа беше храбра идеја, која во следните 60 години успешно се реализира, вели директорот на Кенедиевата претседателска библиотека и музеј, Алан Прајс.

“Идејата беше фантастична. Благодарение на напорната работа на волонтерите и трудот на земјите домаќини, стратегијата за долгорочна промоција на мирот и пријателството се покажа како успешна” вели Прајс.

Во изминатите 60 години, околу 241.000 припадници на Мировниот корпус волонтираа во повеќе од 140 земји низ светот, вели в.д. директорката на оваа организација, Керол Спан, која истакнува дека учесниците се од различни возрасти.

„Возраста на волонтерите во Мировниот корпус е од 20 до 85 години. Повеќето од нив се на возраст од околу 20 години, но кога бев директорка на организацијата во Малави, ја имавме најстарата волонтерка. Таа имаше 82 години” вели Спан.

Спан имала 26 години кога се приклучила на Мировниот корпус во Романија. Тоа било само три години после падот на комунизмот. Вели дека луѓето гледале со недоверба, но тоа се покажало како животно искуство за неа.

„Повеќето од волонтерите тргнуваат со одредени очекувања и гледишта. Но, со текот на времето, додека работите со луѓе што се различни од вас, почнувате да учите зошто нештата таму не се како во вашата земја и зошто луѓето се држат до некои други вредности“ вели Спан.

Двејн Метјуз, исто така бил во Малави од 2013 до 2015 година. Тој денес е на докторски студии на Универзитетот Ховард во Вашингтон. Потекнува од Little Rock, Arkansas и никогаш претходно не патувал во странство.

„Кога пристигнав во Малави, доживеав целосен културен шок. Првата недела беше застрашувачка. Но, на денот кога требаше да си заминам, плачев што го напуштам Мировниот корпус. Тоа беше најдобриот избор во мојата младост“ вели Метјуз.

Peace corps

Крис Дестиш волонтирал во Гватемала од 2018 до 2020 година. Тој денес е регионален регрутер за Мировниот корпус.

„Живеев во мала заедница на Маите. Имаше околу 2.000 луѓе и бев во семејство Маи сочинето од три генерации. Беше прекрасно. Хаотично, но многу убаво“ вели Дестиш.

За време на престојот, работел со Министерството за агрикултура на Гватемала на програма за унапредување на тамошното земјоделство.

„Работевме на тренинзи за унапредување на капацитетите на тамошните фармери. Целта беше да се зголеми производството на храната, за да се намалат слабата исхрана и гладта“ вели Дестиш.

Метјуз и Дестиш велат дека научиле лекции и вештини што не би ги имале доколку не биле дел од Мировниот корпус.