САД воведоа санкции за неколку руски државјани поради Навални

Администрацијата на претседателот Џо Бајден објави санкции за неколку руски државјани поради, како што беше соопштено, нивната улога во обидот за убиство на рускиот опозициски политичар Алексеј Навални.

Санкциите се координираат со Европската Унија која веќе воведе ограничувања за неколку руски функционери кои имаат врска со случајот Навални.

„Праќаме јасен сигнал кон Русија дека има последици од употребата на хемиско оружје“ рече висок претставник од администрацијата на Бајден.
Навални беше хоспитализиран во август откако се разболе за време на лет во Сибир. Тој беше префрлен во Германија каде лекарите утврдија дека бил отруен. Француски, шведски и германски лаборатории како и Организацијата за забрана на хемиско оружје заклучија дека Навални бил изложен на хемискиот нервен агенс Новичок. Русија отфрли вмешаност.

Навални се врати во Русија на почетокот на годинава и веднаш беше уапсен. Беше испратен во затвор во близина на Москва каде треба да отслужи казна од две и пол години за прекршување на неговото условно ослободување поради лекувањето во Германија.

Администрацијата на Бајден повика на негово ослободување.