Македонски граѓани кои по различни основи живеат или престојуваат во странство ќе можат да се попишат од утре, први март, со што ќе биде означен почетокот на првата фаза од пописот на населението во Северна Македонија.
Дипломати, работници во странски компании, иселеници, воени лица во странски мисии, претставници од стопански комори на деловни ангажмани надвор од државата, студенти на универзитети низ светот, ќе бидат дел од категориите македонски граѓани што ќе бидат опфатени на стартот од масовната статистичка операција.
Директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски, и министерот за надворешни работи, Бујар Османи вчера ги соопштија последните детали за начинот на кој ќе се изведува попишувањето на македонските граѓани во странство.
Според објаснувањата на Симовски и Османи, македонските иселеници, чиј број се очекува да биде јасно прикажан после статистичката операција, ќе можат да се попишат електронски, преку интернет-апликација до која може да се пристапи само од странство. Сепак, деновите за попис што ќе им стојат на располагање на македонските граѓани што се надвор од границите на земјата, се разликуваат во зависност од нивната дејност, како и од должината на нивното отсуство од Северна Македонија.
Попишување од 1 до 15 март – опфатени се следните категории граѓани:
Во овој период ќе бидат попишани вработените во дипломатско-конзуларните претставништва и членовите на нивните семејства кои престојуваат со нив во странство, македонските државјани на работа во Обединетите нации и нејзините организации, претставништва или претставници на стопанските комори во странство, деловните единици во странство, воени претставници на Армијата на Република Северна Македонија во странство, студентите и граѓаните што се ангажирани врз основа на меѓународна, техничка и друга соработка, како и членовите на нивните семејства.
Во истата фаза се опфатени и сите лица - државјани на Република Северна Македонија кои по која било основа престојуваат во странство, без оглед на должината на нивниот престој.
Онлајн самопопишување од 1 март до 21 април – за лицата што се подолго од 12 месеци надвор од државата
Во рамките на статистичката операција, можност да се попишат ќе им се даде и на иселениците, како и на македонските државјани кои престојуваат во странство поради работа или други лични причини, подолго од 12 месеци. Попишувањето на овие македонски државјани ќе се одвива во периодот од 1 март до 21 април 2021 година.
Процесот ќе се одвива преку интернет-апликација, достапна исклучиво од странство. Нејзиното користење, како што истакна Симовски е едноставно.
„Процесот на самопопишување ќе се спроведува преку веб-апликација која е многу едноставна и кориснички ориентирана, лесно достапна, што значи дека секој државјанин на Република Северна Македонија во странство ќе може лесно да ја пополни за многу кусо време, а единствениот услов е да се најави со својата е-маил адреса. Апликацијата е наменета исклучиво за самопопишување од странство, што значи пристапот од Република Северна Македонија е оневозможен“, истакна директорот Симовски
Веб-апликацијата е достапна на следниве линкови:
Информациите за пописот ќе се споделуваат преку дипломатско-конзуларните претставништва, како и преку контакти со здруженија на граѓани, верски здруженија, здруженија на студенти што делуваат во и надвор од границите на Северна Македонија.
Според објаснувањето од првиот човек на Заводот за статистика, тие податоци се битни за да се добие слика за бројот на лицата кои се отселиле, како и сознанија за нивната возрасна, образовна и економска структура, од каде се иселиле и во кој период.
Информации од МНР и преку апликации за интернет-комуникација
Министерството за надворешни работи отворени телефонски и линии на кои може да се пристапи и директно и преку апликациите за интернет комуницирање.
Броеви за информации:
075 268 732 (редовна линија, Viber, WhatsApp)
075 268 734 (редовна линија, Viber, WhatsApp)
075 268 745 (редовна линија, Viber, WhatsApp)
Корисни линкови за ПОПИС 2021:
Прашања на кои треба да се одговори
Лични податоци, матичен број, место на живеење, кога сте се отселиле, која ви била последна адреса во Северна Македонија, каде престојувате, колкумина во семејството се македонски државјани, вашата етничка и религиска припадност, дали имате странско државјанство, кога последен пат сте биле во Северна Македонија, колку често доаѓате на посета. Тоа се само дел од темите и прашањата што се редат во апликацијата на која треба да се дадат точни и веродостојни податоци.
Подетално за начинот на кој функционира апликацијата и за прашањата што може да се очекуваат, може да се види и на видеото подготвено специјално за оваа статистичка операција.
Your browser doesn’t support HTML5
Во периодот од 1 до 15 март заедно со Министерството за одбрана ќе бидат попишани и лицата што за време на Пописот се наоѓаат во служба на Армијата на Република Северна Македонија, во државата или во странство.
Со Министерството за правда, пак, ќе се изврши попишување на лицата што за време на Пописот се наоѓаат во притвор или на издржување казна затвор во затворите, казнено-поправните установи и воспитно-поправните домови. Ќе бидат пошишани и лицата бездомници, а тоа ќе биде изведено заедно со Министерството за труд и социјална политика.