12 години затвор за Сашо Мијалков за нелегалното прислушување

Екс министерката Гордана Јанкулоска доби 4 години затворска казна. Екс функционерите во тајната полиција, бегалците Горан Грујевски и Никола Бошкоски, добија по 15 години затвор

СКОПЈЕ – Екс шефот на тајната полиција, Сашо Мијалков, првообвинет во случајот „Таргет-тврдина“ кој се однесува на масовното нелегално прислушување на над 20 илјади граѓа е прогласена за виновен и осуден на 12 години затвор. Мијалков беше обвинет за делата„злосторничко здружување“, „злоупотреба на службената положба и овластување“ и „примање награда за противзаконито влијание“, а обвинителството бараше казна во висина од 13 години.

Судијата Џанета Бегтовиќ ја прогласи за виновна и екс министраката за

внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, која ја осуди на 4 години затвор за злоупотреба на службената положба и овластувања.


Поранешниот началник на Петата управа во тајната полиција, Горан Грујевски, и неговата десна рака, Никола Бошкоски, кои во моментов се во бегство и бараат азил во Грција добија по 15 години затвор заради „злосторничко здружување“ , „злоупотреба на службената положба и овластување“ и „фалсификување службена исправа“.

Виновен е и шефот на кабинетот на Мијалков, Тони Јакиковски кој доби затворка казна во траење од шест години.

Екс-началничката Надица Николиќ доби 3 години, додека обвинетите Владимир Варелов, Марјан Шумуликовски, Васил Исаковски, Валентина Симоновска и Силвана Златкова добија условна казна од две години затвор, која нема да ја одлежат ако пет години по правосилноста на пресудата не направат ново кривично дело.

Во завршните зборови обвинителката Ленче Ристоска кажа дека Мијалков, Грујевски и Николиќ свесно и со намера ја формирале групата која го вршела прислушувањето и му порача на судот дека не смее да прости.
Обвинетите пак тврдеа дека тие не го вршеле масовното прислушување.

Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби, а 1.541 број продолжиле да бидат следени и по завршување на траењето на важноста на судските наредби. Прислушувани биле над 20 илјади граѓани.