Импичмент на Доналд Трамп – презентирани нови видео снимки

Обвинителите продолжуваат да го образложуваат случајот против поранешниот претседател Доналд Трамп во процесот за импичмент во кој тој се товари за поттикнување на насилниот упад во Конгресот во кој загинаа петмина.

Обвинителите, кои се членови на Претставничкиот дом од Демократската партија, им покажаа на поротниците односно на членовите на Сенатот, досега невидени видео снимки од нередите кои се случија на 6-ти јануари.

На снимките се гледаат стотици луѓе како влегуваат во зградата и во салите на двата дома на Конгресот.

Дел од нив извикуваат дека го бараат поранешниот потпретседател Мајк Пенс за да го обесат зашто го одбил барањето на Доналд Трамп да го блокира потврдувањето на резултатите.

Други, пак, ја бараат спикерката на Претставничкиот дом, Ненси Пелоси. Дел од нив влегле и во нејзината канцеларија. Обвинителите велат дека таа веќе била евакуирана, а дел од нејзиниот персонал се заклучил во една од просториите.

„Толпата го бараше Пенс за да го егзекутира“ рече Стејси Пласкет која е во улога на еден од обвинителите.

Друг обвинител, Ерил Свалвел, потенцираше дека „најголем дел од јавноста не знае дека толпата стигнала многу блиску до законодавците пред тие да успеат да избегаат на безбедно.“

Конгресменот Џејми Раскин наведе дека Доналд Трамп не бил „невин набљудувач“ на насилството. Тој рече дека поранешниот претседател ја поставил основата за упадот во Конгресот зашто со недели неосновано тврдел дека единствен начин на кој тој може да ги загуби изборите е доколку тие бидат наместени.

Обвинителите презентираа десетици постови кои Трамп ги објавил на Твитер во кој тврди дека има изборна измама и бара од поддржувачите да дојдат во Вашингтон на 6-ти јануари, денот кога Конгресот требаше да ја потврди победата на Џо Бајден.

Откако обвинителите ќе завршат со презентацијата на ред ќе дојдат бранителите на Доналд Трамп кои во петок и сабота ќе имаат 16 часа да ја образложат одбраната на поранешниот претседател.

Адвокатите на Трамп велат дека тој нема никаква одговорност за нападот во Конгресот.

Тие тврдат дека неговата реторика била дозволив политички говор кој е заштитен со Првиот амандман од Уставот.

Сенатот во вторникот со 56 наспроти 44 изгласа дека процесот треба да продолжи и го отфрли тврдењето на Доналд Трамп дека е импичментот не е уставен зашто тој повеќе не е на функција.

За процесот да заврши успешно е потребно двотретинско мнозинство. Ова значи дека најмалку 17 Републиканци треба да изгласаат дека Доналд Трамп е виновен.

Доналд Трамп е единствениот американски претседател кој по втор пат се соочил со импичмент. Тој ја одби поканата да сведочи и нема да се појави во Конгресот.