Кина ветува дека ќе обезбеди поголеми количини вакцини против коронавирусот за Европа. Оваа порака беше дел од обраќањето на кинескиот претседател Си Џипинг на онлајн самитот „Иницијатива 17+1“ – собир на кој покрај Кина учествуваат 17 држави од Централна и Источна Европа, вклучувајќи ја и Северна Македонија. Си Џипинг изјавил дека оваа иницијатива, освен за економска соработка, треба да се користи и како платформа за заедничко сузбивање на пандемијата и дека Кина ќе продолжи да биде активна во солидарната поддршка на земјите од Централна и Источна Европа.
Премиерот Заев, кој учествуваше на форумот, изјави дека и во услови на пандемија економијата и соработката продолжуваат.
„Сега е време да се подготвиме за пост-Ковидската ера и обновување на нашите општества и економии, и во таа насока секако е важно да се интензивираат различните форми на економска соработка. Имајќи го предвид ова, сметаме дека соработката во рамките на 17 + 1 треба да биде насочена кон специфични проекти и да има конкретни резултати, особено во областите на економската и трговската размена и капиталните инфраструктурни проекти“, изјави Заев.
Кинеските ветувања за повеќе вакцини во регионот, во ситуација на глобален недостаток на вакцини, се сметаат за обид на Пекинг за зајакнување на своето влијание. „Иницијативата 17+1“ стартуваше во 2012-та. Според некои анализи, минатата 2020 година кинеската трговска размена со земјите од Централна и источна Европа достигнала 103 милијарди долари.