СКОПЈЕ –Специјалниот пратеник Владо Бучковски денеска отпатува за Софија каде ќе има средба со вицепмиерот Красимир Каракачанов. Дали ќе се разговара за Анексот на договорот или пак за нон пејперот кој веќе беше доставен на официјална Софија засега останува непознато. Од МНР со оскудно соопштение околу посетата на Бучковски и без информации за агендата и траењето на посетата и без никаква информација околу најавениот Анекс на Договорот за пријателство кој содржи 12 точки а кој бугарскиот вицепремиер го најави како единствен услов за одблокирање на стартот на преговорите со европската унија. Оттаму го посочуваат Акцискиот план за исполнување на Договорот за пријателство како приоритет и еден од начините за надминување на несогласувањата.
„Специјалниот претставник Владо Бучковски денес е во посета на Софија, каде е планирано да оствари средба со претставниците на Република Бугарија на повеќе нивоа. При крајот на годината доставивме Акциски план за имплементација на Договорот за пријателство од 2017 година, за што во разговор меѓу министрите за надворешни работи Османи и Захариева беше договорено да бидат разменети забелешки, мислења и соодветни предлози. Во оваа насока во претстојниот период ќе имаме конструктивен придонес преку нашиот специјален претставник, а истото го очекуваме и од бугарска страна, како можен единствен како единствен можен начин до изнаоѓање решение“, стои во соопштението на МНР.
Шефот на дипломатијата Бујар Османи, денеска потврди дека сеуште нема одговор на нон пејперот кој Бучковски го достави на премиерот Борисов при последната посета на Софија.
Бугарскиот министер за одбрана и вицепремиер Красимир Каракачанов продолжи со остри и недипломатски изјави полни со напади и навреди кон Северна Македонија. Тој обвини за „див менталитет од 19 век“ и повтори дека македонскиот идентитет е создаден од Коминтерната и Тито.
„Сѐ додека во учебниците по историја во Северна Македонија пишува дека ние Бугарите сме окупатори, фашисти, татари, разговор не може да има. Така јас мислам. Аргументот „чекајте, ние имаме право да си го определиме идентитетот е апсолутно несериозен аргумент“ бидејќи никој не ти дава такво право. Имаш право да го заштитуваш својот идентитет таков каков што е од тогаш од кога е појавен, а не крадејќи туѓа историја да си создаваш лажен идентитет и да велиш „не е европски да се противите да имаме свој идентитет“. Вие си имате идентитет создаден од Јосип Броз Тито и од Коминтерната, заштитувајте си го и никој не ви посега по него“, изјави Каракачанов.
Тој обвини дека македонските власти глумат кооперативност а всушност „играат заткулисни игри“ и чекаат да истече претседателството на Португалија и да дојде на ред Словенија кој била „докажан пријател и поддржувач“ на Северна Македонија.
Во отсуство на информации од Владата и МНР, мора да се нагаѓа што точно содржи анексот на договорот за пријателство и кои се 12 точки. Од вчерашната изјава на Каракачанов може да се види дека дел од барањата се многу слични со оние од ноември минатата година кои беа категорично одбиени од македонската страна. Промена на учебниците, откажување од територијани, идентитетски и историски претензии кон Бугарија, откажување од македонското малцинство во Бугарија но и прифаќање на бугарско потекло на македонскиот јазик се само дел од точките во новиот Анекс.
Опозициската ВМРО – ДПМНЕ со обвинувања дека Владата води тајни преговори со Бугарија. Тие тврдат дека Анескот претставува ретуширање на историјата и закана по мнакедонскито јазик. Оттаму најавија дека ќе бараат одговорност од државниот врв за „сторени недела“ кон Македонија.
„До кога на некои тајни преговарачки маси ќе се раскрчмува македонскиот идентитет и јазик. Владата дозволува Македонија да се негира на телевизиски емисии во Софија, а македонскиот идентитет да биде карта за поткусурување во преговорите со ЕУ. Со посочениот Анекс клопчето започна да се одмотува. Се потврди информацијата на ВМРО-ДПМНЕ од минатата година дека на македонската влада и бил врачен Анекс од 12 точки, со негаторски позиции за македонскиот идентитет. Сега дознаваме и дека тој Анекс им бил даден на Заев, Димитров и Османи уште во ноември минатата година“, изјави Стефан Андоновски од ВМРО-ДПМНЕ
Кога станува збор за Анексот на Договорот за пријателство, претседателот Стево Пендаровски децидно изјави дека нема да биде потпишан и дека никој никогаш нема да преговара за македонскиот јазик и идентитет.