Ѓоргиев: Политичарите да не се мешаат во работата на историчарите

Your browser doesn’t support HTML5

Ѓоргиев: Политичарите да не се мешаат во работата на историчарите

Претседателот на македонско - бугарската комисија за историски и образовни прашања Драги Ѓорѓиев во интервју за Глас на Америка, вели дека последните изјави на премиерот Заев се негови лични ставови. Порачува политичарите да ја заборават работата на комисијата и да ја остават да работи на страна.

Глас на Америка: Како, како историчар и претседател на македонско-бугарската комисија за историски и образовни прашања, го оценувате последното интервју на премиерот Зоран Заев, во кој тој директно навлегува во толкување на историски факти?

Драги Ѓорѓиев: Ставот на комисијата и мој личен став од секогаш бил да не се коментираат политички изјави од било која страна. Премиерот изнесе негови политички ставови, за одредени контроверзни прашања во македонско-бугарските односи и тоа се негови лични ставови. Јас не би сакал и генерално не коментирам политички ставови на политичари од било која страна и мислам дека тоа е од корист на работата на комисијата, да политиката што повеќе се држи на страна од комисијата. Не само на нашите политичари, туку јас на политичарите од двете страни би им порачал, да се воздржат од коментари и мешање во работата на комисијата. Условно да кажам, би им порачал, да ја заборават работата на комисијата и да ја остават да работи на страна. Така ќе има многу повеќе резултати, отколку секоја наша средба да биде врвен приоритет на нив.

Глас на Америка: Како го оценувате ставот на премиерот дека Бугарија не била фашистичка држава и за присуството на бугарските војски на овие простори?

Драги Ѓорѓиев: Присуството на бугарската војска овде не може да се дефинира поинаку, освен како окупација. Така е дефинирана таа акција и во самите документи на бугарската Влада, од април 1941 година. Така е дефинирана таа акција и во западната историографија, а така е дефинирана и во нашата историографија. И тука воопшто не може да стане збор за некаква поинаква формулација, односно окупација на територијата на тогашното кралство Југославија, односно на територијата на Македонија, која влегува тогаш во состав на кралството. Во однос на дефиницијата на формулацијата на Бугарија, како фашистичка земја, јас мислам дека таквата определба и таквата дефиниција на Бугарија, не може да се примени, бидејќи Бугарија во тоа време според своето уредување не е фашистичка земја. Таа е коалиционен партнер на нацистичка Германија, на фашистичка Италија, но самата не е фашистичка земја и дефинирањето на Бугарија како фашистичка земја, мислам дека не е во согласност со историските документи и реалност од тоа време.

Глас на Америка: Дали сето ова и сите последни изјави на политички фактори, можат да го поткопаат понатамошното работење на комисијата?

Драги Ѓорѓиев: Не. Досега во текот на работата на комисијата имаше доста политички изјави и морам без субјективизам да кажам од страна на бугарските политичари повеќе имаше изјави за работата на комисијата и за поставување на рокови. Македонската страна имаше поголемо разбирање и беше почувствителна за работењето на комисијата. И понатаму ќе има политички изјави, кои ќе ја тангираат работата на комисијата, меѓутоа секогаш кога ќе седнеме на маса, настојуваме сите политички моменти од општествениот живот во Бугарија и Македонија, да ги тргнеме на страна и да се држиме исклучиво, до историските факти и историографиите и ништо повеќе од тоа.

Глас на Америка: Дел од членовите на комисијата изразија негодување на последните ставови на премиерот Заев. Дали може да дојде до целосен прекин на работата на комисијата, ако се знае дека големи реакции предизвика и бугарското вето за членство на Македонија во ЕУ?

Драги Ѓорѓиев: Не, апсолутно не е можно тоа. Реакцијата на членовите на комисијата, само покажуваат, колку оваа комисија е независна од политиката. Реакцијата на членовите на комисијата, веднаш покажа дека таа комисија има храброст и доблест, да се спротивстави на мислењето на еден политичар и јас во таа насока ја гледам таа реакција. Не постојат никакви несогласувања во комисијата и апсолутно, македонската страна во комисијата ќе продолжи да работи со исто темпо и посветеност на највисоко научно ниво во понатамошните средби на комисијата.