СКОПЈЕ - Претседателот Стево Пендаровски нема да излезе со официјален став и коментар по интервјуто на премиерот Зоран Заев за бугарската новина агенција „Бгнес“ во кое дел од искажаните ставови се косат со ставот и изјавите на претседателот дадени во јавноста околу новонастаната состојба со Бугарија, ветото и барањата на официјална Софија. Во интервјуто премиерот Заев кажа и дека „претседателот Пендаровски не е искусен политичар“.
„Претседателот Стево Пендаровски нема да ги коментира ставовите изнесени во интервјуто на премиерот Зоран Заев “, соопштија кусо од Кабинетот на претседателот за Гласот на Америка.
Македонскиот тим во мешовитата комисија за историја засега официјално без реакција. Сепак неколку членови излегоа во јавноста и се оградија од кажаното во интервјуто.
Историчарката Љубица Спасковска апелираше до политичарите да не коментираат теми коишто не ги разбираат. И политикологот Огнен Вангелов, исто така член на комисијата се огради од премиерот Заев.
„Како член на македонскиот дел од Комисијата, лично се оградувам и ги осудувам последните изјави на Премиерот и апелирам политичарите да се воздржуваат од тврдења и коментари со кои не се запознаени и не се од нивниот домен на познавања и експертиза. Во цела западна историографија и во доменот на јавна историја терминот окупација е општоприфатен и за улогата на Бугарија во Втората Светска Војна доволно говори мировниот договор потпишан со сојузниците вклучително и со Македонија како дел од Југославија во 1947 ”, напиша Вангелов на социјалната мрежа „Фејсбук“.
Опозициската ВМРО - ДПМНЕ веднаш реагираше на интервјуто кое го оцени како „скандалозно“ а изнесените тези како сериозно нарушување на преговарачките позиции, а со тоа и нарушување на европската иднина на Македонија и македонските граѓани.
„Заев во ова скандалозно интервју ја негира антифашистичката борба на граѓаните и нашето право да се повикуваме на тоа наследство. Тој прифаќа дека овде постоела бугарска администрација и практично македонските борци за независна македонска држава кои што се бореле против фашистичкиот окупатор во Втората светска војна ги изедначува со истиот тој окупатор за време на ова скандалозно интервју, па вели дека Скопје, Куманово и Паланка всушност биле ослободени а не биле поробени во Втората светска војна.
Загрижен сум затоа што ова интервју може да се толкува и како првчекор кон откажување на македонското малцинство кое што живее во своите древни огништа кај нашиот источен сосед, а со тоа и поништување, брутално кинење на сите пресуди кои што меѓународни судови до сега ги имаат изречено“, изјави Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО - ДПМНЕ.
Мицкоски во неговото обраќање ја предупреди Владата и премиерот „да не си играат, да не го начнуваат македонскиот идентитет“.
Во интервјуто за „БГнес“, премиерот Заев вели дека во втората светска војна Бугарија не ја окупирала територијата на денешна република Северна Македонија, туку била еден вид на администрација.
„Во тоа време, на почетокот, имаше администрација. После тоа, Бугарија се крена со антифашизам, се избори за слобода, за демократија и несомнено беше дел од антифашистичкиот фронт. Бугарските и македонските трупи ослободија територии - Крива Паланка, Куманово, целиот регион, Скопје и целиот овој дел“, кажа Заев.
Според премиерот Заев, Бугарија не била фашистичка држава.
„Бугарија не е фашистичка земја, Бугарија е наш пријател. Новите генерации не ја знаат целата оваа реалност и таа мора да нѐ обедини. И во Северна Македонија и во Бугарија, ова влијае на луѓето на многу погрешен начин. Ако некој си дозволи да ја оцрни Бугарија со ПР-публикации ширум светот, ќе сноси одговорност. Тоа нема да го дозволам. Државата не учествува во тоа“, рече премиерот.
Прашан околу изјавата на претседателот Пендаровски за „живковистичка Бугарија“, премиерот кажа дека дека тој не е искусен политичар но е пријател на Бугарија.
„Верувајте ми, претседателот Пендаровски е пријател на Бугарија. Тој не е толку искусен политичар како Зоран Заев, бидејќи пред тоа работеше за Борис Трајковски, Бранко Црвенковски, тој беше национален координатор за НАТО во мојата влада. Тој е сериозна јавна личност и е целосно посветен на пријателството со нашите соседи и Република Бугарија, и секако, на интеграцијата во НАТО и ЕУ“, рече Заев.
Тој потврди дека е испратен официјален меморандум до Софија во кој стои дека Македонијанема територијални претензии, нема да се мешаме во внатрешните работи и нема побарувања за малцинствата