Бајден прогласен за победник во Аризона

Џо Бајден е победник во југозападната сојузна држава Аризона, пренесоа главните американски медиумски куќи. Со тоа тој ја зголеми разликата во освоените електори иако претседателот Доналд Трамп одбива да признае пораз.

Со повеќе од 99% од изброените гласови во државата, Бајден води пред Трамп со околу 11.000 гласовил

The New York Times, CNN, NBC News и The Washington Post се дел од медиумските куќи кои ја проектираа победата на Бајден во Аризона, која историски е упориште на Републиканците. Fox News и Associated Press тоа го направија уште минатата недела.

Edison Research исто така проектираше дека Бајден победил во Аризона со што тој има 290 електорски гласови во Изборниот колеџ кој го одредува конечниот исход од изборите.

Бајден уште претходно ги освои потребните 270 електори за да стигне во Белата Куќа со што го поплочи патот за негова инаугурација на 20-ти јануари.

Трамп повеќе пати изнесе неосновани тврдења дека тој е поразен поради широко распространета изборна измама, но во соопштение испратено во четвртокот од Агенцијата за кибернетска и инфраструктурна безбедност, која ја формираше Трамп во 2018-та, се вели дека изборите на трети ноември биле најбезбедните во американската историја. Ставот на оваа Агенција е најдиректно досегашно отфрлање на кампањата на Трамп за поткопување на интегритетот на изборите.

Изборните власти од сојузните држави исто така соопштија дека нема сериозни неправилности додека правниот тим на Трамп поднесе жалби до надлежните судови.

Иако Бајден е проектиран победник на претседателските избори, резултатите не се конечни додекане завршат пребројувањата и правните постпаки.

Сојузните држави мора до 8-ми декември да го потврдат броењето на гласовите и да изберат електори за Изборниот колеџ кој официјално го избира новиот претседател на 14-ти декември.