И покрај предизборната анкциозност, американските избори минаа без поголеми инциденти

Со сеуште нерешен резултат од претседателските избори, официјалните лица остануваат во состојба на готовност за можни нереди и потенцијално насилство

И покрај значителната предизборна анкциозност, милиони Американци излегоа во вторникот на гласачките места да изберат претседател во процес што воглавно се одвиваше непречено.

Имаше неколку извештаи за заплашување на гласачите, но без поголеми акти на насилство, велат претставници на спроведувачите на законот и гласачки активисти.

Со сеуште непознат резултат од жестоко водените изборни кампањи меѓу претседателот Доналд Трамп и демократскиот предизвикувач Џо Бајден, официјалните лица остануваат подготвени да реагираат на можни нереди и потенцијално насилство.

Сепак, активистите за гласачко право кажаа дека процесот бил во голема мерка успешен и без проблеми.

Кристен Кларк, претседателка на Комитетот на правници за граѓански права според законот, кажа дека заплашување на гласачите било „спорадично и далеку помало“ отколку што нејзината организација очекувала.

„Бевме подготвени да видиме обиди за заплашување во заедници кои се дом на црни луѓе и други раси“, рече Кларк на прес брифинг во време кога најголем дел од гласачките места во државата беа затворени.

Организацијата примила околу 30.000 повици од целата држава, главно за правилата на идентификување и регистрација, а потоа и за заплашување на гласачите, кажа Кларк. Во некои држави имало автоматизирани повици со кои на гласачите им се сугерирало „да останат дома каде се безбедни“.

Такви повици биле дело на поединци или групи од двајца, но не и поголеми групи што би можеле вистински да заплашат гласачи, рече Кларк.

Одзивот на гласачите бил релативно слаб, во голем дел зашто повеќето гласачи - повеќе од 101 милион - гласале рано или преку пошта.

Карен Хоберт Флин, претседателка на Заедничка кауза, непрофитна организација и лидерка на Коалицијата за заштита при изборите, даде слична оценка.

„Се радувам што можам да кажам дека воглавно ова беше мирен ден на избори за годината со многу предизвици“, рече Флин.

„Ние исто така видовме спорадични извештаи за заплашување на гласачите како и дезинформации, но ништо надвор од нормите“, рече Флин.

Пред изборите во вторник, имаше голема анкциозност дека десничарски паравоени групи или други ќе се соберат во близина на гласачките места, провоцирајќи насилство. Тоа ги наведе бизнисите во државата да ги обезбедат излозите и Белата куќа да биде заштитена со нова ограда.

Но милитанти не се појавија, веројатно заради неодамнешното апсење на анти-владини екстремисти по обвиненија за заговор за киднапирање на гувернерката на Мичиген Гречен Витмер, рече Девин Бургхарт, претседател на Институтот за истражување и едукација за човековите права.

„Многу од нив се деактивираа или им кажаа на членовите да не се појавуваат“, рече Бургхарт, кој го следи екстремизмот онлајн.

Во Луизијана, лице кое веело знаме на Трамп и држело голема пушка се појавило во близина на гласачко место.

Во Северна Каролина, вооружен поддржувач на Трамп бил уапсеен кај гласачко место откако од него било побарано да го напушти местото.

И во Флорида, две лица се појавиле претставувајќи се како заменици на шерифот.

Но овие инциденти, според Кларк, „биле многу изолирани и спорадични“.