СЗО: Лековите за Ковид-19 имаат „мал или никаков ефект“

Светската здравствена организација (СЗО) во петокот објави дека шестмесечните испитувања за ефикасноста на третманите за Ковид-19 покажуваат дека има „убедливи докази“ оти лекот Ремдесивир, кој му беше даден и на претседателот Доналд Трамп, има мал или никаков ефект кај тешките случаи на инфекција

СЗО во досега најголемо испитување ја утврдуваше ефикасноста на Ремдесивир и на три други лекови – Хидроксихлорокин, Лопинавир / Ритонавир и Интерферон – целта беше да се провери дали некои постоечки медикаменти може да бидат ефикасни против Ковид-19.

Портпаролот на СЗО на прес конференција во Женева рече дека резултатите од студијата, која се уште не е рецензирана и од други научници, укажуваат дека терапиите со Ремдесивир, Хидроксихлорокин, Лопинавир / Ритонавир и Интерферон изгледа дека имаат мал или никаков ефект за намалување на смртноста или на текот на болеста кај хоспитализираните пациенти.

Студијата на СЗО која беше спроведена во повеќе од 30 земји ги разгледуваше ефектите на третманите во однос на вкупната стапка на смртност, потребата за механичка вентилација и времетраењето на престојот во болница.

Претходни студии веќе утврдија дека три од четирите лекови немаат ефект, но овие резултатите се спротивни на оние од клиничко испитување на лекот Ремдесивир спроведено во април од страна на американскиот Национален институт за здравје кое покажа дека медикаментот го забрзува времето на закрепнување кај луѓе со сериозна клиничка слика.

Акциите на компанијата која го произведува Ремдесивир, Gilead Sciences, почнаа да паѓаат откако беа објавени резултатите од студијата. Компанијата испрати соопштение во кое вели дека податоците се неконзистентни, наодите предвремени и укажа на нивни студии како и на онаа на Национален институт за здравје кој утврдија дека користењето на лекот има позитивни ефекти.

Ремдесивир е еден од лековите кои беа користени за лекување на американскиот претседател Доналд Трамп кога тој беше инфициран со Ковид-19 на почетокот на месецов.