Шефот на кабинет од Белата куќа, Марк Медоус, во петок кажа дека американскиот претседател Доналд Трамп има слаби симптоми на коронавирусот откако тој и првата дама Меланија Трамп покажаа позитивен резултат за Ковид-19.
Тој рече дека претседателот не само што е со ведар дух, туку е и „полн со енергија“ и останува „посветен на работата во интерес на американскиот народ“.
Рано утрината во петок Трамп испрати порака на Твитер за позитивната дијагноза, а неколку минути потоа Белата куќа објави меморандум од лекарот на 74-годишниот претседател, д-р Шон Конли, потврдувајќи го позитивниот тест.
„Претседателот и првата дама се чувствуваат добро во овој момент и планираат да останат дома во рамки на Белата куќа за време на опоравувањето“, рече Конли.
Тој рече дека очекува претседателот да „продолжи со неговите должности додека се опоравува“, и дека ќе ја информира јавноста за натамошниот развој.
Меланија Трамп подоцна испрати порака на Твитер, „како многу Американци што направија годинава, @potus и јас сме во карантин дома по позитивниот тест за Ковид-19. Се чувствуваме добро и јас ги одложив сите идни ангажмани. Ве молам чувајте се и ние заедно ќе го надминеме ова“.
Во друга порака на Твитер, госпоѓа Трамп призна дека има слаби симптоми, но дека воглавно се чувствува добро“.
Сите политички настани на Трамп за блиска иднина беа брзо откажани, според претставник на Белата куќа.
Потпретседателот Мајк Пенс и неговата сопруга, Карен Пенс, имале негативен резултат на тестот за Ковид-19 во петок, според портпаролот Девин Омали.
Американскиот државен секретар Мајк Помпео во петок кажа дека тој и неговата сопруга Сузан Помпео, исто така се негативни. Тие биле прегледани на летот 20 минути пред слетувањето во Дубровник, Хрватска.
Неименуван висок претставник на Белата куќа за Ројтерс изјавил дека Трамп, Пенс и нивните соработници ќе работат во одвоени објекти за да го заштитат потпретседателот доколку биде принуден да ги преземе обврските на претседателот во случај состојбата на Трамп се влоши.
Демократскиот претседателски кандидат Џо Бајден, кој беше на дебата со Трамп со физичко присуство, во вторникот вечер во Кливленд, покажал негативен резултат на тестот за Ковид-19 во петок, во соопштение изјави неговиот примарен лекар д-р Кевин Оконор.