Суд во Пекинг – 18 години затвор за критичар на Џинпинг

Суд во Пекинг одреди 18 години затвор и парична казна од 620 илјади долари за сопственикот на недвижности Рен Жиџијанг. Тој го има наречено „кловн“ лидерот на Кина, Ши Џингпинг.

Жиџијанг беше прогласен за виновен за корупција, поткуп, проневера на јавни средства и злоупотреба на службената положба како директор на државно претпријатие.

Некои кинески дисиденти ја нарекоа пресудата „бесрамна“ и „политички прогон“ додека набљудувачите со кои разговараше Гласот на Америка велат дека пресудата има за цел да ја ги замолчи дисидентите и членовите на Кинеската комунистичка партија кои се критички настроени кон Ши Џинпинг, знак дека има недостаток на доверба кон неговото владеење.

„Ова е пример кој покажува дека има отпор во партијата кој му се спротивставува на Ши Џинпинг. И Џинпинг се обидува да направи се што може за да го потисне, да ги спречи оние кои му се противат да се обединат“ вели за Гласот на Америка, Јанг Џианили, кинески дисидент кој сега живее во САД и е претседател на иницијативата Граѓанска сила за Кина.

Според соопштението од Народниот суд во Пекинг, Рен бил прогласен за виновен за корупција зашто наводно имал противзаконска корист од речиси 7.4 милиони долари, примил мито од 184.500 долари и проневерил 8.9 милиони долари јавни пари помеѓу 2003-та и 2017-та година додека бил претседавач на државната компанија за имоти и градежништво Хуајуан недвижности.

Судот исто така утврдил дека Рен ја злоупотребил службената положба и предизвикал загуби од речиси 17 милиони долари во компанијата, а од друга страна имал финансиска корист од речиси 3 милиони.

Во соопштението од Судот се наведува дека Рен се изјаснил за виновен, ги вратил незаконски прибавените пари и се согласил да не ја обжали одлуката.

Познат како член на така наречената Втора црвена генерација Рен кој има 69 години е син на поранешен заменик – министер за трговија. Во последните години се прочу откако јавно проговори за цензурираните медиуми и други чувствителни теми во Кина.