Како се пренесува корона вирусот? Центарот за контрола на болести објави, па повлече документ

Додека САД се приближува кон бројката од 200 илјади починати од корона вирусот, највисока државна агенција за здравство ненадејно повлече информации од нејзиниот интернет сајт за начинот на кој вирусот се пренесува.

Центрите за контрола и превенција на болести минатиот петок објавија документ во кој стоеше дека вирусот може да се пренесе и преку мали честички во воздухот наречени аеросоли и тоа на поголемо растојание. Но, Центарот во понеделникот ненадејно го повлече документот и се врати на старата позиција дека вирусот се шири во најголем дел меѓу луѓе кои се на растојание помало од 1.8 метри и преку капки кои настануваат при зборување, дишење, кашлање и кивање.

д-р Џеј Батлер, заменик – директорот на Центарот за заразни болести рече дека документот бил поставен по грешка пред да помине низ соодветен технички надзор.

Начинот на кој се пренесува Ковид-19 е сериозно дебатиран меѓу здравствените експерти со месеци. Во јули повеќе од 200 научници од над 30 држави објавија отворено писмо до Светската Здравствена Организација во кое побараа да се разгледаат доказите дали вирусот може да се пренесе и преку аеросоли.

Центарот за контрола на болести наиде на критики и за промената во правилникот за тоа кој треба да биде тестиран. Минатиот месец соопшти дека луѓето без симптоми не треба да бидат тестирани доколку биле во близок контакт со заразен човек со што го промени претходниот став дека секој кој бил во контакт со инфициран треба да биде тестиран. Но, откако беше откриено дека промените се направени на барање на Белата Куќа, Центарот се врати на претходната позиција.