СКОПЈЕ - Нови членови во Извршниот комитет на опозициската ВМРО - ДПМНЕ, Христијан Мицкоски доби легитимитет да продолжи да ја води партијата и оставка од сите партиски функции на досегашниот генерален секретар Игор Јанушев. Ова се клучните одлуки кои беа донесени на седницата на Централниот комитет на партијата кој се одржа вечерва.
Мицкоски соопшти дека тој самиот побарал одржување на вонреден Конгрес на кој тој не би се кандидирал за претседател на партијата но неговот барање било едногласно одбиено од членовите на Централниот комитет.
„Отворено дикутирав за моето речиси тригодишно управување со партијата. За тоа како ја затекнав и што сторив. Не бегам од своите принципи и затоа, иако до денеска не беше поднесено барање или иницијатива за вонреден конгрес од оние кои водат хајка против мене, јас на сопствена иницијатива поднесов предлог за свикување на вонреден Конгрес на кој нема да се кандидирам. ЦК едногласно го одби овој предлог и со тоа ми даде полн легитимитет да продолжам со раководењето на ВМРО - ДПМНЕ и им се заблагодарувам за укажаната доверба. За мене тоае обврска со ужте посилно темпо да продолжиме со рушењето на мафијата на власт“, рече Мицкоски.
Потпретседателите Александар Николовски и Владо Мисајловски, Иван Иванов, Сергеј Попов, Никола Мицевски, Гордана Димитриевска- Кочоска, Рашела Мизрахи, Стефан Андоновски, Марија Андоновска, Олга Лозановска, Дафина Стојановска, Вело Марковски, Трајко Славевски, Влатко Ѓорчев, Драган Ковачки, Коце Трајановски, Кирил Пецаков и Антонијо Милошоски. Ова е новиот состав на Извршниот Комитет на партијата кој го предложи лидерот Христијан Мицкоски а го прифати Централниот комитет.
„Поради лични причини се повлече досегашниот генерален секретар Игор Јанушев. Му се забалгодарувам за неговата работа, срдечно залагање и беспоштедна битка. Тој ќе продолжи да придонесува и помага во партијата“, соопшти кусо Мицкоски.
Во своето обраќање тој го нападна премиерот Зоран Заев и владечакта СДСМ, кои ги нарече мафија, и нагласи дека негова цел е да ги урне од власт но и да се одбрани од нападите на „политичките хиени’.
„ВМРО - ДПМНЕ е столбот на државата и е кичма на македонизмот. Оттука ВМРО - ДПМНЕ има една единствена цел, победа над мафијата , неправдите и злото наречено „власт на Зоран Заев“. Знам дека нема да биде едноставно. Немаме работа со политичка длабочина ниту политичка мудрост или политичка ширина. Имаме работа со мафија . Секој сака да го разниша главниот и носечки столб на македонската нација и држава. Задача на оваа генерација политичари во ВМРО - ДПМНЕ е да ја задржат оваа структура чиста и да ја одбранат од политичките хиени без разлика дали се од нашиот политички противник, одвнатре или од други места“, потенцираше Мицкоски.
Веднаш реагираа од Иницијативниот одбор за Конгрес во партијата чии членови се поранешни пратеници градоначалници и сеуште активни членови до ВРО - ДПМНЕ. За нив Мицкоски е само лош глумец чија суета ја турка партијата во пропаст.
„Да беше искрен во предлогот за вонреден Конгрес и намерата да не се кандидира, ќе ја искористеше можноста што ја дава статутот, ќе си дадеше оставка и ќе беше свикан конгресот, наместо да прави театар злоупотребувајќи го Централниот комитет, кој е со истечен мандат. Се уште актуелниот Престедател на ВМРО-ДПМНЕ нема ниту кредибилитет, ниту легитимитет да именува или разрешува партиски органи. Единствено чесно од негова страна би било извинување до членството за претрпените порази, преземање на одговорност, оставка и закажување на вонреден Конгрес. Само така ќе си го одржи зборот и ќе го сочува образот. Впрочем, самиот Мицкоски јавно вети дека ќе се повлече доколку не победи и не успее да формира влада“, стои во официјалното соопштение на Иницијативниот одбор кои новите именувања во Извршниот комитет ги оценија како „ништо ново“.
Оттаму додаваат дека Мицкоски е изолиран, без никаква поддршка и со самото тоа му одговара само на Зоран Заев бидејќи „СДСМ никогаш нема да најде подобар спаринг партнер кој со сигурност ќе си го гази на избори“.
Владеачката СДСМ прва со реакции околу изборот на нов ИК. На Бихаќка сметаат дека новиот Извршен комитет е нарачан од бегалецот Никола Груевски а со единствена цел да се зачува позицијата на Мицкоски во партијата.
„Ништо не се менува во ВМРО-ДПМНЕ, партијата предводена од докажаниот губитник Христијан Мицкоски нема капацитет да се реформира. Последен доказ за тоа се таканаречените големи промени во раководството на оваа партија во кое се наоѓаат стари, потрошени кадри, послушници и извршители на Никола Груевски. За нови лица Мицкоски ги нуди Антонио Милошоски против кого се водат предмети и човек кој се криеше од судски доставувачи; Рашела Мизрахи која од позиција на министерка го кршеше Уставот и законите; Гордана Димитриевска Кочовска која блокираше средства од Светска банка за помош на здравството; Марија Андоновска за која цела јавност слушна како Гордана Јанкуловска лобирала да се вработи во Фонд за здравствено осигурување“, стои во официјалното соопштение на партијата.
Оттаму додаваат дека очекувале по изборниот пораз Мицкоски да одржи Конгрес на партијата што е доказ дека тој се плаши од своето членство но и од граѓаните.