Владата за бугарскиот меморандум - „навреди не водат кон пријателство“

Во бугарскиот документ се бара државата да се откаже од македонското малцинство во Бугарија и се тврди дека Македонија е творба на Тито а јазикот норма на бугарскиот

СКОПЈЕ - „Пријателството е двонасочна улица и најмногу зависи од нас самите од нашето почитување на европските вредности и принципи. Договорот за пријателство, добрососедство и соработка е одраз на взаемното почитување и пријателство и подразбира и бара одговорност и учество од двете страни“. Ова е ставот на Владата по објавувањето на меморандумот доставен од официјална Софија до Брисел и земјите членки на ЕУ која се однесува на Северна Македонија.

Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Република Бугарија создава правна рамка и нуди инструменти за менаџирање на билатералните прашања а македонската Влада е посветена на неговата имплементација.

„Со Република Бугарија сме сојузници во НАТО, имаме заедничка обврска и должност да ги подобруваме добрососедските односи, меѓусебната соработка и да градиме пријателство“, соопштија од Владата за МИА.

Од Илинденска нагласија дека правото на самоопределување и самоидентификација се темелни европски вредности и цивилизациски придобивки и дека посебноста на македонскиот јазик и македонски етнички идентитет се неспорен факт.

„Македонскиот јазик е составен дел од личната карта на Северна Македонија во Обединетите нации и дел од многуте прифатени и признати модерни јазици кои се изучуваат на универзитети во целиот свет. Во 21-от век во Европа, прифаќањето на минатото, но и на сегашноста се одраз на одговорна и зрела политика и вистинско пријателство“, соопштија од Владата.

Шефот на дипломатијата Бујар Османи е на ставот дека меморандумот е резултат на недоволна комуникација меѓу двете држави и смета дека нема да го попречат стартот на преговорите со ЕУ до крајот на годинава.

„Не мислам дека треба да наметнеме таква негативна динамика на притисоци. Да, сметам дека во текот на предизборието и поради епидемијата на коронавирусот имаше одредено забавување, намалување на интензитетот на комуникација, и секогаш кога комуникацијата паѓа се јавуваат недорабирања и се јавуваат различни толкувања. Сега е време да се воспостави добар интензитет на комуникација на политичко ниво, но и помеѓу комисиите“, изјави Османи.

За владеачката СДСМ, билатералните спорови како овој со Бугарија нема да бидат прекча кон членството во ЕУ а македонскиот јазик е признат во светски рамки.

„Како сериозни политичари особено и како сериозна партија секогаш сме давале шанса да по пат на дијалог, по пат на обемни разговори ги затвораме сите крупни прашања коишто ги тиштат граѓаните на нашата држава, но и граѓаните на државите со којшто сме имале претходни тешки спорови. Она што е најважно дека еве и јас од овде сум Македонец, јас од овде зборувам македонски јазик, вие поставувате прашања на македонски јазик и секако и најважно согласно договорите, признаени од цел свет. Јас искрено сум убеден дека камен на сопнување во нашиот интегративен пат кон ЕУ нема да бидат билатерални спорови во случајот со Република Бугарија“, изјави Костадин Костадинов, портпарол на СДСМ.

Опозициската ВМРО - ДПМНЕ пак вината ја лоцираат кај премиерот Заев и неговата попуслитвост која според нив довела до целосна негација на државата, нацијата и народот.

„Шокирани сме од однесувањето на источниот сосед, чиј негаторски однос е потценувачки за нас како држава, нација и народ и секако не е пример за европска вредност. ВМРО-ДПМНЕ не се согласува и осудува секаква негаторска политика кон Македонија и македонскиот народ. ВМРО-ДПМНЕ смета дека политиката на свиткана кичма на Зоран Заев, без суштинска работа и резултати ги зголемува апетитите на оние имаат поинакви интереси од државните и националните на нашата држава“, стои во официјалното соопштение на партијата.

Опозицискиот пратеник Антонио Милошоски предложи македонското Собрание, да усвои заедничка декларација во која што идентитетот на македонскиот народ, посебноста на македонскиот јазик и сите други културни и национални обележја би биле заеднички потврдени и со самото тоа афирмирани како дел од европските вредности.

Шефот на македонскиот тим во мешовитата комисија за историја, проф д-р Драги Ѓорѓиев,вели дека бугарскиот меморандум ќе влија врз нивната работа.

„Негувањето на сопствениот јазик и култура и на сопственото чувство на идентитет и заедница не може да бидат закана за европските вредности и не може по никоја основа да претставува антибугарски чин, или пак закана за било која нација или народ. Всушност, негирањето на правото на јазик и идентитет претставува закана за европските вредности и основните човекови права. Несомнено бугарската национална идеја има свое место во развојот на македонската национална идеја, што резултирало со заеднички и споделени историски личности и моменти, но тоа не и го одзема правото на македонската нација на нејзин сопствен и автохтон пат “, изјави Ѓоргиев за „Дојче Веле“.

Во меморандумот на официјална Софија, се бара билатералниот договор меѓу Скопје и Софија и добрите меѓусоседски односи да бидат дел од Преговарачка рамка за зачленување на Република Северна Македонија во ЕУ и да бидат дел од поглавјето 35, дрѓавата да се откаѓе од своето малцинство во Бугарија но и се наведува дека Македонците се проект на Јосип Броз Тито а македонскиот јазик е норма на бугарскиот и не постоел до 2 Август 1944 година.

Меморандумот доаѓа по минатогодишната резолуција на Бугарскаката академија на науки (БАН) усовена од Собранието во Софија во која стои дека македонскиот јазик не постои и речеиси десетмесечен прекин на работата на мешовитата комисија за историја која заглави кај ликот и делото на македонскиот револуционер Гоце Делчев за кој бугарските историчари бараат да се наведе дека бил Бугарин.