СКОПЈЕ – „Не смее да се преговара и да има отстапки околу Гоце Делчев бидејќи тој е нашиот последен бастион и е црвената линија на нашето достоинство“. Ова е пораката која ја испрати лидерот на опозициската ВМРО – ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на денешниот протест трет по ред, под мотото „ За ЕУ, За Македонија, за Гоце Делчев“.
„Гоце го има во химната, за кого би протестирале ако не за Делчев. Делчев е црвената линија на нашето достоинство и идентитет и затоа сме денес овде, затоа што Делчев е Македонија и столбот на нашето постоење како народ. Овој народ си го сака Делчев, затоа што Делчев е симболот на Македонија и ние од Делчев нема да се откажеме, Делчев е нашата нашата тврдина која нема да ја напуштиме. Да им кажеме опаметете се, Делчев е нашиот последен бастион, Делчев е нашата тврдина, Делчев е нашиот Мечкин камен и нема да отстапиме ниту педа, ниту милиметар од Делчев“, рече претседателот на ВМРО - ДПМНЕ.
Мицкоски смета дека власта намерно етикетира и додаде дека патриотизмот не е застанатост во минатото и анти европска политика а идеите на Делчев се оние врз кои почива Европската унија.
„Сакам јасно да реагирам на една теза на власта, неоправданото лепење на етикета врз сите нас, врз сите вас кои што сте овде, но и оние кои што оваа вечер не можеа да бидат со нас. А тоа е дека патриотизмот значи некаква демоде политика и застанатост во минатото. Протестираме, затоа што Делчев е и европска вредност, затоа што неговата идеја за слобода и културно издигнување на еден народ е идеја врз која почива и Европската Унија. А нашата иднина е токму таму во Европската унија“, кажа Мицкоски.
Во своето обраќање тој го обвини премиерот Заев за криминал и дека претставува закана за европската иднина на државата и граѓаните.
Експресно реагираше и СДСМ со контра обвинување. Мицкоски е тој што работи против евро атланстската иднина на државата
„Три години губтиникот Христијан Мицкоски и неговото ВМРО-ДПМНЕ правеа се за да го отежнат патот на државата кон ЕУ и НАТО, а денес истиот тој Мицкоски глуми дека е за членство во ЕУ. Бранителот на криминалот и неправдата, Христијан Мицкоски е последниот кој може да зборува за идеалите на великанот Гоце Делчев“, стои во официјалното соопштение на партијата.
Мешовитата комисија за историски прашања веќе 10 месеци нема одржано средба. Неофицијалните информации се дека македонските историчари ќе побараат средба со буагрските колеги на крајот на овој или почетокот на идниот месец а средбата би се одржала во Скопје. Тема секако ќе биде Гоце Делчев како што и беше на последните три средби кои минаа во жестоки дебати и без речиси никаков напредок. Бугарската страна инсистира Гоце Делчев, да биде запишан како Бугарин, додека македонската страна смета дека не е работа на Комисијата да утврдува нечиј национален идентитет.