Собранието со 62 гласа „за“ и 43 „против“ доби ново-стар претседател

Your browser doesn’t support HTML5

Џафери беше реизбран за прв човек на парламентот. На гласањето не присуствуваше опозицијата од албанскиот блок, додека на чинот на заклетвата целата опозиција ја напушти салата.

„Изјавувам дека функцијата ќе ја извршувам одговорно и совесно и дека ќе ги почоитувам уставот и законите на Северна Македонија“ изјави Талат Џафери, претседател на Собранието.

На реизборот претходеше остра дебата меѓу мнозинството и опозицијата за тоа зошто треба и зошто не треба да се поддржи Џафери.

„ВМРО-ДПМНЕ нема да го поддржи изборот на Талат Џафери за претседател на Собранието“ изјави Никола Мицевски од ВМРО-ДПМНЕ.

„Се формира стабилно мнозинство и ова мнозинство ќе трае 4 години со Џафери на чело на парламентот“ рече Јован Митревски од СДСМ.

„Ова е коалиција-продолжеток, ова е коалиција на лага и измама“ рече Игор Јанушев од ВМРО-ДПМНЕ.

„Не ја научивте лекцијата, граѓаните гласаа, го кажаа своето. Навредите што ги изнесувате одат на ваша штета“ вели Дамјан Манчевски од СДСМ.

Дури и паднаа споредби на Џафери со легендарни ликови од минатото.

„Иако во левичарските кругови важам за Че Гевара, најверојатно поради фризурата, Талат Џафери е Че – од герила во влада. Левица нема да го поддржи неговиот избор“ рече Димитар Апаисев од Левица.

За Џафери да продолжи да седи во претседателската фотелја гласаа сите пратеници од новото мнозинство, вклучувајќи ги и двајцата претставници на ДУИ – од влијателните ограноци од Чаир и Сарај, кои во изминатите денови негодуваа поради одлуката на партиското раководство министерски функции да добијат луѓето од доверба на Ахмети – Артан Груби и Бујар Османи.