ДИК: Коалиција „Можеме“ - 36,13% , ВМРО - ДПМНЕ - 34,65% од гласовите на парламентарните избори

Конечните резултати и проекциите за пратенички мандати ќе ДИК ќе ги соопшти утре. ДПМНЕ најави дека влегува во трка за формирање на Влада. ДУИ прогласи победа

СКОПЈЕ - Коалицијата „Можеме“ предводена од СДСМ освои најголем број од гласовите на граѓаните на десетите парламентарни избори, соопшти предмалку Држaвната изборна комисија (ДИК по обработени 93,96% проценти од избирачките места. Колаицијата на ВМРО-ДПМНЕ е на второт место со освоени 34,65% од гласовите а потоа е Демократската унија за интеграција со освоени 11,57% од гласовите и колаицијата на Алијансата за Албанците и Алтернативаза која гласале 8,79% од граѓаните. Левица освои 3,96% од гласовите на граѓаните, за ДПА гласаа 1,48 % од граѓаните а Интегра доби 1,33% од гласовите на овие избори.

Сепак проекција која партија колку мандати ќе освои нема да има вечерва. Сајтот на ДИК е хакиран и речиси цела вечер не функционираше.

„Од она што сум информирам дека се работи веројатно за обид за надворешен напад. Јас не сум ни ИТ експерт, ниту можам да ви тврдам или кажам нешто, меѓутоа додека не се потврди тоа јас не би шпекулирал со други информации, ќе видиме во текот на вечерта или утрешниот ден за што се работи. Без разлика не е оневозможено собирањето на податоците и електронскиот внес и ние имаме информации на време“, изјави Оливер Дерковски, претседател на ДИК.

Победата на десетите парламентарни избори ја потврди лидерот на СДСМ Зоран Заев.

„ Можеме и тоа како можеме. Успеавме народе мој со убедлива и стабилна предност во моментов од над три пратенички мандати пред ВМРОДПМНЕ, со можност за еден или два уште повеќе.Нашата коалиција „Можеме“ е победничката коалицијата на овие парламентарни избори. Граѓаните излегоа и гласаа за сигурна иднина, за заедништво и солидарност, за економски патриотизам, за ред и правда, излегоа граѓаните и избраа подобро денес и подобро утре. Патот напред е потврден, на опасноста и кажавме јасно „не“, порача Заев.

Лидерот на опозициската ВМРО - ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, не се обрати на јавноста. Тоа го стори генералниот секретар Игор Јанушев која најави дека партијата влегува во трка за формирање на Влада.

„ Донтовиот модел ја прави оваа трка се уште доста неизвесна. Но факт е дека промените народот ги посакува народот покажа дека не сака влада која е криминална и коруптивна, народот сака Обнова. Опозицијата на овие избори покажа дека има повеќе гласови од партиите на власта. ВМРО-ДПМНЕ влегува во трка за составување на мнозинство за нова влада затоа што постојната е истрошена и време е за промени. ВМРО-ДПМНЕ е благодарна до сите граѓани и покрај притисоците и злоупотребите кои се одлучија за промени со тој кредибилитет влегуваме во нова трка за мнозинство за нова влада“, изјави Јанушев.

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, соопшти дека неговата партија е апсолутен победник во албанскиот блок.

„ Орелот се врати. Оваа победа на ДУИ е победа на Албанците и со таа победа нема да изгуби ниту еден Албанец. Ние се докажавме дека сме најуспешните во сите сфери и така ќе биде и понатаму. Албанците нема да бидат разочарани од нас. Ние обезбедивме над 100 илјади гласови, 12 мандати, а се очекува уште еден 13-ти. Благодарен сум што имав можност да ја соопштам оваа најдобра вест за Албанците и апсолутна победа“, изјави Али Ахмети од седиштето во Мала Речица.

Десетите парламентарни избори минаа мирно без поголеми нарушувања на изборниот процес и текот на гласањето.