Случај „Рекет“: Седум години затвор за Катица Јанева, Јовановски осуден на девет

„Боки 13“ тврди дека фамозните 1,5 милиони евра завршиле кај експремиерот Зоран Заев и дека пресудата е политичка. Обвинителството незадоволно од висината на казната. Адвокатите од одбраната најавија жалби, пресудата според нив не се темели на докази. СДСМ и ВМРО – ДПМНЕ со меѓусебни обвинувања

СКОПЈЕ – Виновни се бидејќи го рекетирале осомничениот во истрагата „Имеприја“ за да му ја олеснат положбата и му зеле 1,5 милиони евра. Судот пресуди. Девет години затвор за Бојан Јовановски – „Боки 13“ и седум години затвор за екс шефицата на СЈО, Катица Јанева, која не беше присутна во салата на Врховниот суд на изрекувањето на казните. Јовановски се товареше за две дела, примање на награда и перње на пари а Јанева за злоупотреба на службената положба и овластувања.

Your browser doesn’t support HTML5

Случај „Рекет“: Седум години затвор за Катица Јанева, Јовановски осуден на девет


Според судската одлука, на Јовановски ќе му бидат конфискувани седумдесетте вреќи полни со скапа дизајнерска облека, начит и чанти а Јанева е должна да врати 50 илјади евра колку што тврдеше Обвинителството дека зела од Камчев.

На двајцата осудени им е продложена мерката пшритвор, односно куќен притвор.

По соопштувањето на пресудата Јовановски обвини дека станува збор за нарачана политичка пресуда а парите од фдамозната „Луј Витон“ торба завршиле кај екс премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев и неговиот брат Вице Заев.

„Овој ден ќе го прогласам како ден на политичка кампања. Донесовте политичка пресуда. Парите рекетирани во оваа Македонија барајте ги кај Зоран и Вице Заеви“, рече Јовановски пред судот.

Обвинителката Рускоска, без прецизен одговор на новинарско прашање каде се парите земени од Камчев.

„Сметам дека најголемиот дел завршиле кај Бојан Јовановски и Катица Јанева. Тоа е мое лично убедување”, рече Русковска.

Таа нагласи дека не е задоволна од висината на казната за првообвинетиот Јовановски и дека очекувала да биде најмалку десет години затвор и најави жалба до Апелација.

За адвокатите од одбраната, пресудата не се темели врз докази и најавија жалби на пресудата.

„Знаевме дека ќе биде ваква брутална казна. Оваа пресуда најмалку се заснова на докази. Всушност нема докази“, рече Сашо Дуковски, адвокат на Бојан Јовановски.

Со оваа пресуда се губи доверба во владеење на правото смета адвокатскиот тим на Јанева.

„Апсолутна е превисока казната за Катица Јанева.Судот во својот вовед кажа дека со оваа пресуда сака да се врати довербата во правосудството. Со вакви пресуди не се враќа довербата туку напротив. Пресудите мора да се темелат врз докази“, изјави Ирена Фрчковска, бранител на Јанева.

Очекувано, партиските препукувања и меѓусебни обвинувања почнаа веднаш по соопштувањето на пресудата.

За СДСМ пресудата е доказ дека секој кој што се огрешил ќе одговара а за ВМРО – ДПМНЕ правда ќе има кога експремиерот Заев ќе биде обвинет и осуден.

„„Парите од Рекет барајте ги кај Зоран Заев и Вице Заев“. Ова не се зборови на некој новинар или политички опонент на СДСМ, ова се зборовите на „Боки 13“, човекот кој целата јавност го виде како заедно со Зоки Кичеец носи торба „Луј Витон“ полна со изрекетирани милиони. „Боки 13“ е директниот извршител во „Рекет“. Парите кои тој ги изрекетирал завршиле директно кај Заеви. Исказот на Јовановски денеска во суд и претходните докази и аргументи кои ги изнесе се повеќе од доволни Зоран Заев уште денеска да биде повикан во Јавното обвинителство и да биде отворена истрага против него“, изјави Орце Ѓорѓиевски член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ и додаде дека Рускоска можела но намерно не отворила истрага против екс премиерот.

Од СДСМ, пак, опозицијата е вмешана во овој случај а за тиоа се потврда снимките од разговорите меѓу Мицкоски и осудениот Зоран Милески – Кичеец, кој призна вина во „Рекет“, седат заедно, се потврдува впрегнатоста на ВМРО-ДПМНЕ со овој случај.

„Добро е што дојде време и сме среќни денеска што имаме пресуди за вакви крупни случаи кои што се отворија во државата. Тоа потврдува дека правда и одговорност ќе има за секој во државата, за било кој што ќе се огреши. Очекувам сега натаму лично целосна разрешница на сите случаи, над триесет во коишто е вклучено и целото актуелно раководство на ВМРО-ДПМНЕ, на многу структури. Да расчистиме еднаш со правдата со остатоците од режимот“, изјави Љупчо Николовски, генерален секретар на СДСМ.

Судскиот процес за случајот „Рекет“ почна на 3 декември. Се одржаа четириесетина рочишта главно беа исполнети со театрални настапи од Јовановски но и од останатите странки во процесот, лични навреди и дисквалификации, прерпукувања меѓу поранешните колешки обвинителки. Судењето заврши а трагата на парите, еден и пол милион евра кои Камчев тврди дека му ги дал на Јовановски, не е откриена ниту пак е откриено дали нешто останало од тие пари.