Ѓеорѓиески: Статусот на Охрид нема да се промени

Your browser doesn’t support HTML5

Интервју со градоначалникот на Охрид

Разговор со градоначалникот на Охрид, Константин Ѓеорѓиески, по разговорите со претставници на УНЕСКО

Гласот на Америка: Мисијата на УНЕСКО неодамна беше во Охрид. Кои беа забелешките и сугестиите по она што го видоа и кои се вашите впечатоци од таа посета?

Константин Ѓеорѓиески: Моите впечатоци се дека имавме конструктивни два ипол дена средби и разговори со претставници на УНЕСКО. Имавме теоретски разговори во мојот кабинет и во други институции со надлежност во делот на спроведувањето на препораките на УНЕСКО. Имавме и теренски активности на места каде што се прави реконструкција на колекторскиот систем, на градскиот кеј и неколку локации каде што отстранувавме бесправно изградени објекти. Што се однесува до забелешките и сугестиите, нив ќе ги видиме во извештајот што ќе биде готов во мај 2020 година. Очекувам дека ќе биде констатиран напредокот кој е постигнат и дека одредени забелешки, кои ги имаат, ќе ги нотираат, но сметам дека извештајот се на се ќе биде позитивен.

Гласот на Америка: Направија обиколка и на некои од дивоизградените објекти кои треба да се урнат. Кој е ставот на УНЕСКО по ова прашање?

Константин Ѓеорѓиески: Ставот на УНЕСКО е дека тоа е еден од најкомплексните проблеми и препораки кои треба да ги исполниме и дека ќе треба да има и одредени законски интервенции. Меѓутоа, задоволни се што воопшто е започнато со делување и со отстранување на дел од објектите. Така да ќе продолжиме со соодветна динамика.

Гласот на Америка: Се бара ли да бидат урнати сите 409 објекти кои се во заштитениот појас?

Константин Ѓеорѓиески: Не. Тие бараат сега да се направи стратешка евалуација на влијанието врз животна средна на сите тие објекти. Тоа е процес кој во периодот ќе започне да го работи Министерството за транспорт и врски.Тој ќе се состои во мапирање на сите тие објекти, кои се нотирани во инвентарот на нелегални изградени објекти. Тие кои имаат влијание на животната средина и кои нема да може да се вклопат во некој следен план, ќе бидат отстранети. Сигурно ќе бидат отстранети сите објекти кои се во заштитен појас од 50 метри, сите објекти кои се во зона на активно управување на Национален парк Галичица.

Гласот на Америка: Оптимист ли сте дека на состанокот на УНЕСКО во Кина во јули, Охрид нема да се најде на црната листа на загрозени подрчаја?

Јас сум оптимист дека Охрид нема да се најде на црната листа, меѓутоа, во целата таа медиумска фама која се дигна околу УНЕСКО и статусот на Охрид не е никаква национална трагедија ако Охрид се најде на црната листа.
Константин Ѓеоргиески

Јас сум оптимист дека Охрид нема да се најде на црната листа, меѓутоа, во целата таа медиумска фама која се дигна околу УНЕСКО и статусот на Охрид. Не е никаква национална трагедија ако Охрид се најде на црната листа.

Охрид ќе остане и понатаму како запишан град под заштита на УНЕСКО, меѓутоа ќе биде на листата која е во опасност. Тоа значи дека ние ќе добиеме засилен мониторинг и позасилено имплементирање на препораките, но не е никаква национална трагедија и не станува збор за губење на статусот град заштитен под УНЕСКО, што е цело време грешно интерпретирано во јавноста и во медиумите. Мислам дека тоа е подобро, од проста причина што ние како држава и како локална самоуправа, треба да покажеме капацитет и да се избориме за соодветна заштита на градот и културно-историските споменици и без такви своевидни репресивни мерки од страна на УНЕСКО.