СКОПЈЕ –По два дена правење на увид во доказите, потпретседателката на Собранието и пратеник од редовите на СДСМ, Фросина Ременски, денес повторно дојде во зградата на Обвинитлеството за гонење на организиран криминал и корупција каде даде исказ во рамките на истрагата за случајот „Рекет“. Таа смета дека со исказот даден пред обвинителката Вилма Рускоска, успеала да ги расчисти сите дилеми и поради тоа Обвинителството треба да ја запре постапката против неа во случајот „Рекет“.
„Дадовме одговори и појаснувања за прашања кои можеби биле причина за отварање на истрагата. Секако ги расчистивме сите прашања кои што се во тој контекст и дилема на Јавното обвинителсво. Сметаме дека врз основа на исказот и на прибранитре докази Јавното обвинителство ќе цени да ја запре постапката кон мене во овој случај“, рече Ременски.
Таа тврди дека е мета на хајка и жртва на параполициски структури поради криминали кои таа ги открила во МВРсторени од поранешни високи функционери во министерството а закои поднела пријави.
Ременски не одговори дали евентуално била доведена во заблуда од претседателот на невладината Јовановски, како што тоа го тврдеше една од осомничените.
„ Не можам да дадам таква квалификација. Не сум правник“, кажа Ременски.
Фросина Ременски заедно со уште четири лица е осомничена во истрагата која се однесува на финансиското работење на невладината организација „Меѓународен сојуз“ на Бојан Јовановски – „Боки 13“ а чиј почесен претседател е токму таа. Судот одлучи да го прифати барањето на Обвинителството и да и го одземе пасоштот, со забрана да го напушта Скопје и еднаш неделно да се јавува во Судот како мерка на претпазливост.
Истрагата се однесува на проект за за изградба на домови за стари лица, кој никогаш не почна а за кој двајца бизнисмени Силјан Мицевски и Ардијан Амзоски уплатија 726 илјади евра односно 260 илјади евра. Парите беа префрлени на сметка на пензионерка од Скопје и потоа подигнати во готово од банка. Досега обвинителите немаат лоцирано каде завршиле овие средства.
Во петок, исказ пред Рускоска ќе дадат останатите тројца осомничени – Бојан Јовановски, неговиот татко Миле Јовановски и неговата асистентка Христина Блажевска со што ќе заврши истражниот дел а Рускоска и нејзиниот тим ќе може да почнат да го пишуваат обвинителниот акт.
Првоосомничениот Јовановски е првообвинет во случајот „Рекет“ каде веќе му се суди заедно со поранешната шефица на СЈО – Катица Јанева за рекетирање на осомничениот во случајот „Имеприја“, Орце Камчев. Во овој процес третообвинетиот Зоран Милевски призна вина и доби тригодишна затворска казна.