Катица Јанева оди во куќен притвор

Катица Јанева оди во куќен притвор откако Апелацискиот суд ја прифати нејзината жалба на мерката притвор изречена од кривичниот суд.

Јанева побара и од Кривичниот суд да и го укине притворот и да го замени со домашен за што понуди гаранција во недвижен имот - три стана, но жалбата беше одбиена.

Јанева е во притвор од 21 август кога беше уапсена поради инволвираност во случајот „Рекет“. Во текот на истрагата таа не даде исказ.

Судскиот процес за случајот „Рекет“ влегува во судница на 3 декември а на обвинителната клупа покрај Јанева ќе седнат Бојан Јовановски - „Боки 13“ и Зоран Милевски.

Шефот на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, Вилма Рускоска, го поднесе обвиненитлниот акт на 10 октомври. Според доказите кои таа и нејзиниот тим ги собраа, мозокот на операцијата е Јовановски кој користејќи го пријателството со Јанева успеал да ја убеди, за финансиски надомест, да му помогне на осомничениот бизнимен во случајот „Имеприја“ - Орце Камчев, односно да му го укине притворот и замени со куќен а потоа и да му го врати пасошот. Милевски пак е човекот кој ги договарал меѓу Јовановски и сопружниците Камчеви. На средбите Јовановски ја потенцирал својата блискост со Јанева и влијанието врз неа, а на снимките кои ги објави италијанскиот весник „Ла Верита“ можеше и да се чуе и како Јанева уклучена на звучник од телефон разговара со осомничениот и уценуван бизнисмен Камчев.

Доказите кои ги има Рускоска покажуваат дека Јанева зела 50 илјади евра од рекетраните пари и добила мебел вреден 296 илјади денари од Јовановски.