СКОПЈЕ - Пратеникот Павле Богоевски денеска соопшти дека поднесува оставка на функцијата пратеник во Собранието на Република Северна Македонија. Одлуката ја соопшти јавно на седницата на мандатно имунитетната комисија со која тој претседава а на која требаше да се расправа околу одземање на пратеничкиот мандат на Никола Груевски, кој е во бегство во Унгарија. Тој кажа дека оставката ја поднесува од морални и етички причини.
„Гласот за одземање на мандатот на пратеникот Никола Груевски, ќе биде мојот последен глас во ова Собрание. Факт е дека без разлика на причините, со набавката на масло од канабис јас сторив кривично дело. Од овој момент натаму веќе не е прашањето дали Павле Богоевски има легитимитет да ја води комисијата која ќе му го одземе мандатот на Никола Груевски ниту пак дали Павле Богоевски треба да биде пратеник. Сега прашањето е дали пратениците од ВМРО ДПМНЕ ќе покажат трошка од етиката со која се расфрлаат изминативе денови и ќе гласаат за одземање на мандатот на Никола Груевски или ќе го заштитат. Ако во Собранието нема место за човек кој прекршил закон за да купи масло од канабис за болно лице сигурно нема место за пратеник кој со пари од граѓаните плаќа хотел додека е во бегство од правдата“, кажа Богоевски.
Оставката на Богоевски доаѓа по скандалот со аудио снимка чија автентичност тој ја потврди а на која телефонски договара набавка на како што тврди масло од канабис. Опозицијата тврдеше дека тој договара набавка на кокаин и побара од него да биде тестиран за присуство на наркотици.Оставката ќе биде констатирана на пленарната седница на Парламентот за одземање на имунитетот на пратеникот Никола Груевски.
Потегот на Богоевски го поздравија и поддржаа дел од неговите колеги во Парламентот. Координаторот на ДУИ, Артан Груби му посака среќа и рече дека се надева дека сите пратеници и функционери ќе ги почитуваат државните институции, а ако не го прават тоа од нив ќе биде побарана оставка.
Премиерот Зоран Заев рече дека оставката на Богоевски е храбра одлука и пример за понесување одговорност.
„Многу е важно секој од функционерите каква одговорност носи во делот на неговото извршување на обврските пред граѓаните, пред институцијата и државата. Секогаш кога одреден дел од неговиот приватен живот нема влијание врз извршувањето на работите, сметам дека е добро и тоа го искоментирав. Но, тоа е негово право на лична и морална одлука и јас ја поздравувам оставката“, рече Заеви додаде дека Богоевски е одличен пратеник и но и дека ќе му биде задоволство да продолжи да работи со таков човек и во иднина.
Од ВМРО - ДПМНЕ пак сметаат дека оставката на Богоевски е лажно продавање на морал и обид да се избегне кривична одговорност.
„ Денеска граѓаните беа сведоци на лажно продавање на морал од луѓе како Павле Богоевски, кој беше фатен како вршел кривични дела додека ја извршувал пратеничката функција. Неговата оставка не може да биде оправдување и амнестирање од направениот криминалот, тој мора да сноси кривична одговорност за трговија на нарко-пазарот.Павле Богоевски и тие кои го бранеа мора да одговорат со кои дилери комуницирал наместо да ја замајуваат јавноста со приказни за таксисти“ велат од партијата.
Павле Боговески беше еден од лидерите на „Шарената револуција“ и заедно со Ивана Туфегџиќ се најде на листата на пратеници на СДСМ на парламентарните избори во 2016 година. Дел од лидерите и учесниците во „Шарената револуција“ имаа замерки околу неговата работа во Собранието и го критикуваа дека е „гласачка машинарија“ на владеачката коалиција. Најголемите замерки беа кога тој го поддржа и гласаше за законот за амнестија за настаните од 27 април односно „крвавиот четврток“.
Најавуваната„метла“ на премиерот денеска почна токму од неговата матична партија - СДСМ. Тој денеска соопшти дека разрешил 78 претседатели на општински организации на партијата.
„Синоќа донесов одлука, се разрешуваат сите претседатели на општински ограноци на Социјалдемократскиот сојуз. Сакам да им се заблагодарам на сите за активноста, работата, служењето на граѓаните како претставници на локално ниво на најголемата владејачка партија. На сите оние претседатели на општински организации каде што се победи на изборите, апелирам да бидат повторно кандидати, нека се кандидираат на следниот конкурс што веќе уште идната седница ќе биде објавен во постапка“, кажа Заев.
Тој уште еднаш повтори дека смените во извршната власт ќе стартуваат во првата половина на идниот месец а со кадровски промени покрај владинот кабинет ќе бидат опфатени и јавните претпријатија, односно диркеторите и членовите на надзорните и управните одбори.
Од друга страна пак, ДУИ останува цврсто на својот став - ветинг наместо т.н. „метла“.
„Ветингот и „метлата“ немаат допирни точки. ДУИ не функционира на тој принцип“ кажа пратеникот Артан Груби.
Тој најави дека нивни правни тимови веќе почнале со изготвување на предлог закон за формирање на регулаторно тело кое ќе го врши ветингот. Со ветингот би биле опфатени министри, пратеници, градоначалници, директори, државни секретари, обвинители и судии.
Од ДУИ велат дека очекуваат поддршка за предлог законот од сите партии.
Министерот за животна средина Садула Дураки, како и неговите сопратијци во Владата, кажа дека лидерот Али Ахмети ќе одлучи дали тој ќе биде сменет и дали евентуално ќе застане на чело на министерството за политички систем кое допрва треба да се формира.
Околу овие изјави се огласи и премиерот Заев кој ги нарече рашомонијада. Нагласи дека тој е мандатор и дека ДУИ може да гласа во Собранието за предлозите за проментите кои ќе ги достави.
„Сите коалициони партнери имаат право да даваат свои коментари. Ваквата рашомонијада од изјави која ја слушаме од одредени високи функционери на ДУИ на крајот ќе биде поткрепена зада видиме која е таа вистина за која зборуваме. Јас сум мандатор, тие може да гласаат во Парламентот или не кога ќе ги дадам предлозите за промени. Артан Груби е пратеник и тој ќе може да гласа. Затоа имав средба со Али Ахмети за да знаат навремено кои чекори ќе ги превземам“, рече Заев.
Наредните неколку дена ќе продолжат партиските консултации околу евентуалните смени и новите кадровски решенија, а во текот на наредната недела повторно ќе има средба Заев - Ахмети по која се очекува да се соопштат првите имиња на функционери од извршната власт кои ќе бидат сменети.
Неофицијално од сегашниот владин кабинет ќе си заминат најмалку шест министри, дел од СДСМ и помалите коалициони партнери дел од ДУИ. На удар ќе бидат и директорите на државните агенции, јавните претријатија и акционерските друштва кои се во државна сопственост.