СКОПЈЕ –Своето обраќање пред присутните во седиштето на СДСМ, новиот претседател Стево Пендаровски го почна со насмевка и со зборовите „Зборува Врховниот командант!“.
„Оваа победа денеска е победа на мнозинството граѓани во Република Северна Македонија, кои независно од етничка припадност, од политичка припадност, од каква било друга припадност, се обедини и рече: Продолжуваме заедно напред, никогаш повеќе режим!“, рече Пендаровски.
Тој потенцираше дека победата е доказ на обединување и заедништво и со неа се испраќа порака дека само заедно е можно да се оди напред.
„Победата на овој концепт заедно напред носи иднина за република Северна Македонија, но е истовремено карта и за Европа, доказ дека само стабилност, безбедност и прогрес се можни само обединети“, рече Пендаровски.
Пендаровски нагласи дека како претседател ќе обединува и нема да дели и дека ќе биде фактор на стабилност.
„Ќе се залагам за правичност и правна држава. Ќе стојам зад секој чесен граѓанин. Ќе обединувам, нема да делам. Мојата мисија е да обединувам, сите да одиме заедно напред. Граѓаните, заедниците, здруженијата, институциите, бизнисите, партиите - ама буквално сите. Ќе бидам фактор на стабилност, а не фактор на кризи“, кажа Пендаровски.
Прв на изборот му честиташе лидерот на СДСМ и премиер Зоран Заев.
„Честитам претседателе на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски. Да ми ги чуваш и да ни ги штитиш граѓаните.Биди посветен на она што го најдовме во тебе како вредност.Биди секогаш праведен и правичен, секогаш објективен, секогаш критичен, со слух за потребите и интересите на граѓаните. Пендаровски е наш, ваш, мој, твој, претседател на сите нас! Има зацртан пат пред себе. Тоа е нашиот заеднички пат - на заедништвото, на соработката и солидарноста, пат за подобар живот на секој наш граѓанин, во ова наше едно заедничко општество“, рече Заев.
Тој истакна дека изборите биле беспрекорни, чисти, фер и демократски а Северна Македонијa ги покажала своите демократски капацитети.
„Од денеска никој не може да застане на патот на прогресот и перспективите. Исходот од денешните избори покажува дека заедно одиме напред во НАТО и ЕУ. Одекна мнозинската граѓанска определба на чисти, фер и демократски избори. Продолжуваме заедно и одговорно напред“ , додаде Заев.
За лидерот на ДУИ, Али Ахмети, победата на Пендаровски е тримуф на концептот за консензуална демократија кој бил тежок за спроведување и објаснување пред јавноста, но истовремено претставувал единствениот пат напред.
„Консензуалната демократија е основен принцип од Охридскиот рамковен договор и единствена алтернатива која ќе не носи на патот кон НАТО и почнување преговори со Европската унија. Овој концепт не зближува со меѓународната заедница, а се спротивно ќе значеше состојба во која другите земји ќе сметаат дека не сме подготвени како земја да започнеме преговори“, изјави Али Ахмети и додаде дека опозицијата кај Албанците го избрала погрешниот пат.
Противкандидатот Гордана Силјановска Давкова, во своето обраќање не му ја честиташе победата на Пендаровски и кажа дека не се чувствува како поразена или губитник.
„Да добиете 370,000 гласови е големa благодарност и да станете позната по улиците како Гога, е многу во политиката во Македонија. За две недели да добиете 50.000 гласови е голема инспирација за мене како човек и затоа велам дека Вардар победи, победи противкандидатот, но јас како поединец и кандидат на ВМРО-ДПМНЕ не ја загубив битката“, рече Силјановска.
Таа додаде дека резултатот од изборите покажал дека распоредот на политичките сили во државата се радикално изменети и затоа треба сериозно да се размислува за предвремени парламентарни избори.
Христијан Мицкоски најави „ политички пекол“ кој ќе го предводи опозициската ВМРО – ДПМНЕ. Тој смета дека партијата направила добар резултат на изборите и повторно се етаблирала како најголема политичка сила во државата.
„Картата е црвена драги браќа и сестри. Реалноста значи победа во најголемиот број на општини. Сега победивме со уште поголема и поубедлива разчика од првиот круг. Му се допаѓало тоа некому или не, но денес реалноста е следна: ако имаше парламентарни избори, партијата која народот ја избрал на овие избори и која ќе освоеше најголем број мандати и пратеници е ВМРО-ДПМНЕ. ВМРО-ДПМНЕ направи одличен резултат, новата реалност е дека ВМРО-ДПМНЕ е најголемата политичка сила во Македонија”, рече Мицкоски и обвини за притисоци, уцени, закани но и „брзи прсти“ во изборниот процес.
„Му честитам на Стево Пендаровски на изборот и се надевам дека функцијата ќе ја извршува успешно“, рече претседателот на ДИК, Оливер Дерковски, на завршната прес конференција.
Според официјалните податоци на ДИК, Пендаровски освои 436.212 гласови или 51,66 отсто, а неговата противкандидатка Гордана Силјановска Давкова 377.713 гласови или 44,73 отсто. Дерковски соопшти дека во вториот круг на претседателските избори на гласање излегле 46,70 отсто или 844.365 од вкупно запишаните 1.808.131 гласачи во Избирачкиот список. Важечки гласачки ливчиња биле 813.925, а неважечки 30.442 или 3,61 отсто.
Тој потенцираше дека денешните избори поминале во фер и коректна атмосфера а до Комисијата во текот на денот не пристигнале никакви забелешки за нерегуларности на избирачките места.
Иако се уште неофицијално, кандидатите на СДСМ на изборите за градоначалник во Охрид и Ново Село победија во вториот круг.