ДИК: Одзивот до 15 часот 30,16 отсто

Излезноста на гласачите до 15 часот е 30,16 отсто односно своето право на глас го оствариле 539.882гласачи, соопшти Државната изборна комисија (ДИК). Обработени се податоците од 99 отсто од избирачките места.

Според официјалните податоци на ДИК најголем одзив повторно има во Крива Паланка каде своето право на глас го оствариле 52,61 отсто од запишаните гласачи. На второто место е Македонски брод со 49,45 отсто, а потоа следуваат Демир Капија со 49,17 отсто, Крушево со 47,68 отсто и Демир Хисар каде 46,09 отстогласачи го оствариле своето право.

Најмал одзив повторно има воЖелино каде досега гласале само 9,03 отсто од запишаните 23.524 гласачи. Слаб одзив има и во општините Боговиње каде гласале само 10,49 отсто од гласачите и Центар Жупа каде до 15 часот гласале 11,96 отсто гласачи.

Во првиот круг од претседателските избори одзивот до 15 часот беше послаб и изнесуваше 28,20 отсто.

Гласачкиот процес тече мирно и во најдобар ред, без никакви нарушувања соопштија набљудувачите и ДИК а сите избирачки места беа отворени навреме. Од МВР и од Обвинителството исто така потврдија дека досега немаат регистрирано случај на нарушување на избирачкиот процес.

За да се избере петиот претседател од осомастојувањето на Македонија потребно е да се исполни цензусот од 40 отсто односно од запишаните 1,8 милиони гласачи во избирачкиот список најмалку 723.253 граѓани да излезат и да гласаат.