И Бајден се кандидира за претседател

Сенаторот и поранешен потпретседател на САД се приклучи на полето на демократите кои сакаат да го предизвикаат претседателот Трамп во 2020

Поранешниот потпретседател на САД Џо Бајден соопшти дека ќе се бори за демократската претседателска номинација во 2020, што веднаш го исфрли на врвот на листата на кандидати од страната на демократите кои ветуваат предизвик за претседателот Доналд Трамп.

Сенаторот од Делавер и во два мандата потпретседател во администрацијата на Обама беше конкуренција на сенаторот Берни Сандерс од Вермонт и на други демократски претседателски аспиранти во понови истражувања на јавно мислење, иако не е јасно дали ќе биде во состојба да се мери со нив во однос на собирањето пари за кампањата. Неговото искуство во области како надворешни работи, кривично право и домашна политика е далеку над другите претседателски кандидати.

Во порака објавена рано во четвртокот, Бајден кажа дека клучните вредности на САД и местото што САД го заземаат во светот се во прашање.

Неодамна, најмалку седум жени, вклучувајќи и една кандидатка за заменик-гувернер на Невада, го обвинија 76-годишниот Бајден за непристојно допирање, прегрнување и бакнување на јавни настани. Бајден го бранеше своето однесување како напор за „човечки контакт“ со жени и мажи, но вети дека во иднина ќе мисли на границите за интеракција со луѓето.

Бајден речиси целиот негов живот бил во политиката. Првата сенатска трка ја добил во 1972, по што минал 36 години во Конгресот. Како потпретседател на претседателот Барак Обама служел осум години.

Бајден два пати порано се обидел да стане претседател, барајќи номинација во 1988 и 2008, но не успеал да добие доволно поддршка од гласачите.